Избори во Шведска: Дали крајната десница ќе влезе во владата?
Партија со неонацистички корени е во игра за клучни министерски функции доколку десничарскиот блок победи на изборите
Во Шведска се одржуваат избори со голем влог, кои би можеле да доведат до тоа крајно десничарската партија Шведски демократи“ (СД) за првпат да влезе во владата.
Ова следува по исклучително вжештена и поларизирачка кампања, одбележана со лични напади меѓу лидерите, обвинувања за ширење дезинформации и реклами инспирирани од слоганот „МАГА“ (Направете ја Америка повторно голема). Анкетите укажуваат на исклучително неизвесна трка, при што една од нив покажува разлика од само 0,3 процентни поени меѓу левиот и десниот блок.
Избирачките места низ земјата се отворија во 8 часот наутро по локално време. Рекордни 3,6 милиони гласачи учествуваа во предвременото гласање.
Првичните показатели за резултатите ќе бидат познати во 20 часот, кога ќе се објават првите излезни анкети, а еден час подоцна ќе следи и прогноза од јавниот сервис СВТ. Првичните прелиминарни резултати од броењето на гласовите се очекуваат меѓу 22,30 и 23 часот. Без оглед на исходот, се очекува преговорите за коалиција да траат со недели, ако не и со месеци.
Десничарскиот блок, составен од таканаречените партии од договорот „Тидо“, е на власт веќе четири години. Тој го вклучува Умерената партија, Христијанските демократи и либералите, со поддршка од СД – втората по големина партија во Шведска.
Опозицискиот левичарски блок го сочинуваат најголемата шведска партија – Социјалдемократите, како и Партијата на центарот, Зелените и Левата партија.
Десничарската коалиција го прекрши долгогодишното табу во 2022 година преку партнерството со СД, партија што има неонацистички корени.
СД се обиде да стане поприфатлива за мејнстрим јавноста преку ублажување на својата отворено расистичка реторика, истовремено тврдејќи дека имиграцијата е причина за проблемите со криминалот во Шведска.
Сепак, по четири години во улога на поддржувач на коалициската влада предводена од Умерените – период во кој партијата успеа значително да го помести шведскиот политички естаблишмент кон десницата – пристапот на СД кон овие избори беше поагресивен. Доколку победи десничарската коалиција, на партијата ѝ е ветена значајна улога во владата, вклучително и клучни министерски позиции.
Изборниот слоган на СД, „Направете ја Шведска повторно Шведска“, потсетуваше на слоганот на Доналд Трамп „Направете ја Америка повторно голема“. Нивните контроверзни реклами на автобусите – со пораки како: „Дали ви недостига Могадишу? Грантот за репатријација ќе ви помогне да се вратите дома“ – беа отстранети откако возачите одбија да работат во возила на кои тие беа истакнати. Лидерот на партијата, Јими Акесон, беше обвинет за сексизам откако ја праша лидерката на Социјалдемократите, Магдалена Андерсон, зошто е толку лута за време на една телевизиска дебата.
Уште една истакната личност од СД, Густав Гелербрант, се најде под лупата на јавноста откако истрага на публикацијата „Експо“ го поврза неговиот партнер со руски државни актери и со ширењето руска пропаганда..
Андерсон, која гласаше во неделата наутро во предградието на Стокхолм, Нака, изјави дека кампањата била „приказна со две страни“.
„Имаше многу лаги и препукувања, но во исто време низ целата земја има толку многу разумни луѓе“, изјави таа за СВТ. „Фокусот е на победата и на одредувањето нов правец за Шведска“.
Бени Андерсон од групата „Аба“ ја изрази својата поддршка за лидерката на Социјалдемократите изведувајќи преработена верзија на песната „Мама миа “ пред поддржувачите во партиското седиште, при што зборовите „Мама миа“ ги замени со „Магдалена“.
Премиерот и лидер на Умерените, Улф Кристерсон, во последните денови од кампањата стави голем акцент на практиката за намалување на казните за криминалци осудени за разни прекршоци. Тој ја обвини Андерсон дека не застанала во одбрана на жените жртви на силување. Како одговор, таа го обвини дека го користи насилството на мажите врз жените како политичко оружје.