Избори во Холандија: Голем успех на прогресивната партија, Марк Руте ќе има уште еден мандат


Лидерката на Д66, Сигрид Каг, го прославува успехот на изборите со танц на маса

Партијата на премиерот Марк Руте пак освои најголем број од гласовите, но вистински победник е социјал-либералната партија Д66

 

Холандскиот премиер, Марк Руте, ќе започне разговори за формирање нова коалициска влада откако ги совлада неуспесите за да освои конфорна победа на националните избори обележани со наплив на поддршка за прогресивните и проевропските сили.

Со преброени 80 отсто од гласовите, либерално-конзервативната Народна партија за слобода и демократија на Руте (ВВД) има 35 места во холандскиот парламент со 150 места, две повеќе од претходните избори во 2017 година, обезбедувајќи му четврти последователен мандат.

Руте преживеа во пандемијата на корона вирусот, во која умреа повеќе од 16.000 луѓе во Холандија, три ноќи немири против полициски час и скандал со детските додатоци што го принудија неговиот кабинет да си поднесе оставка во јануари.

Популарниот премиер имаше корист од обединувањето на нацијата на почетокот на пандемијата минатата година и, и покрај неодамнешното паѓање на анкетите, ја задржа довербата на многу гласачи, кои очигледно претпочитаа стабилност во време на криза.

„Гласачите ѝ дадоа на мојата партија огромна доверба“, рече Руте по раните резултати. „Мислам дека секој сака што побрзо нов кабинет. Ние сме среде многу сериозна криза и ќе дадеме сѐ од себе“.

Голем победник, сепак, беше Д66, прогресивна, социјално либерална и проевропска партија именувана по годината кога беше основана и предводена од поранешната дипломатка на ОН, Сигрид Каг.

Д66 освои рекордни 24 места, пет повеќе од минатиот пат, за да заврши како втора. Тоа го престигна и другиот главен коалиционен партнер на Руте, Христијанско-демократскиот повик (ЦДА), кој изгуби четири места и сега има 15, и крајно десничарскиот, анти-исламски популист Герт Вилдерс, чија партија Слобода (ПВВ) изгуби тројца пратеници и е на курсот за 17.

Тоа треба да ја промени динамиката на коалицијата и дури може да ја направи тврдокорната Холандија – една од „штедливата“ група од четири фискално конзервативни земји-членки на ЕУ што се спротивставуваат на заедничкиот европски буџет и колективниот долг – малку повеќе помирувачка во Европа.

Каг, чија кампања го нагласи нејзиниот пол и космополитската заднина (таа е во брак со Палестинец и зборува силно против расизмот во Холандија) објави на Твитер слика на која танцува на маса за да слави.

Таа го опиша резултатот како „голема одговорност“, но додаде дека очекува владината политика да биде „попрогресивна, поправедна и позелена“ отколку во изминатите четири години.

„Вистинското прашање е сега: што може Д66 да извлече од новата коалиција?“ рече Кас Муде, политиколог на Универзитетот во Џорџија. „Веќе нема изговор да ја распродаде својата левичарска социокултурна агенда за да ја задоволи својата десничарска социоекономска агенда и коалициските партнери“.

Про-Европејците беа воодушевени и од настапот на Волт, паневропска партија започната во 2017 година, која освои четири места. Сепак, големи губитници беа партиите со лево ориентација, за кои аналитичарите сега очекуваат да бидат принудени на големи промени.

Холандската лабуристичка партија (ПвДА), која загуби три четвртини од местата во катастрофалниот приказ во 2017 година, не успеа да поврати ниту едно, останувајќи на девет, додека Зелената левица, еден од најголемите победници во 2017 година, изгуби половина од своите пратеници за да заврши со седум и Социјалистичката партија загуби пет и сега има девет.

На крајната десница, додека ПВВ на Вилдерс беше полоша отколку во 2017 година, Форумот за демократија на Тиери Боде освои шест места за да заврши на осум откако агитираше со популистичката кампања ветувајќи укинување на мерките за заклучување од ковид.

Излезноста беше 81 отсто. Разговорите за формирање на коалицијата вообичаено траат многу долго. Во 2017 година тие се протегнаа на 208 дена. (Гардијан)