За време на преговорите за Украина, Кремљ побарал Финска да излезе од НАТО


Главниот руски преговарач во Абу Даби, Владимир медински (Фото: Ројтерс)

 

На мултилатералните разговори во Абу Даби, чија цел е ставање крај на војната во Украина, руската делегација неофицијално изнесе точки за „нов европски безбедносен поредок“ кои задираат подалеку од прашањето за Киев. Претставниците на Кремљ побараа Финска да излезе од НАТО, а исто така побараа Алијансата да се откаже од своите воени бази во Латвија, Литванија и Естонија. Како што пренесува „Билд“, сите овие точки им биле пренесени на претставниците на ЕУ кои биле присутни во Емиратите.

Условите што ги изнесоа руските преговарачи во Обединетите Арапски Емирати се само една од иницијативите за кои се разговара во неофицијални кругови. Од руска страна, паралелно работат неколку конкурентни групи посредници, а сè уште не е јасно чии идеи поддржува рускиот претседател Владимир Путин, забележува „Билд“.

Барањата на Москва се однесуваат и на Молдавија, која не е членка на НАТО. Руските претставници предложија план за реформирање на државата во федерација составена од самата Молдавија, Гагаузија и Приднестровје. Приднестровје уште од 1991 година функционира како де факто самопрогласена држава, независна од контролата на Кишињев, која не е признаена од ниту една земја-членка на ОН. Доколку земјата се приклучи кон ЕУ, на Приднестровје и Гагаузија би требало да им се овозможи да одржат референдуми за независност.

Во замена за мир, од Украина се бара да ги отстапи деловите од регионите Донецк и Луганск што ги контролира, да се откаже од плановите за влез во НАТО, да ги демилитаризира пристаништата Николаев и Одеса, како и да склучи посебни договори за слобода на пловидба во Црното и Балтичкото Море.

Како противуслуга за сите наведени барања што се однесуваат на шесте европски земји, претставниците на Кремљ предложија отстранување на нуклеарното оружје од Белорусија, откажување од распоредување руски ракети со среден дострел таму, како и повлекување на единиците на руските вооружени сили од Приднестровје.

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, изјави дека Русија во Абу Даби не побарала Финска или која било друга земја да се повлече од НАТО. „Не сум запознаен со тоа. Не, такво нешто не беше изнесено. Се разбира, за тоа не се разговараше“, го цитира РБК зборовите на Песков.

Финска е една од последните две земји што беа примени во НАТО. Скандинавската земја се приклучи во април 2023 година, при што поддршката за оваа одлука во финското општество експоненцијално порасна веднаш по целосната инвазија на Русија врз Украина на 24 февруари 2022 година. Во текот на својата речиси 80-годишна историја, Северноатлантската алијанса нема забележано случај на повлекување на некоја земја-членка од блокот. Само две земји, Франција и Грција, привремено го суспендираа своето воено учество, но подоцна го обновија своето полноправно членство.