Русија ќе им понуди билатерални безбедносни договори на европските членки на НАТО
Рускиот претседател Владимир Путин има намера да им понуди на европските земји, вклучувајќи ги Германија, Франција и Велика Британија, билатерални безбедносни договори, кои би ги дефинирале и условите за завршување на војната во Украина, пишува германскиот портал table.media.
Порталот пишува дека во Берлин министерствата за надворешни работи и одбрана го проверуваат рускиот работен документ, со идеите на Кремљ за таков билатерален договор.
Порталот додава дека кругови блиски до владата синоќа го негирале постоењето на таков документ, но повикувајќи се на соговорник кој е запознаен со документот, сепак, се наведува дека предлогот има вкупно шест страници со десет членови и преамбула.
„Во документот наменет за Германија, очигледно постои предлог (Москва) прво да разговара за безбедносниот поредок во Европа со Германија, а потоа да бидат вклучени и другите членки на Европската Унија. Не е јасно дали истовремено таква понуда е испратена и до другите земји од ЕУ. Би било во согласност со претходната практика на Москва да се обидува да создаде раздор меѓу оние кои ја поддржуваат Украина“, пишува порталот.
Десетте точки во документот предвидуваат, меѓу другото, повлекување на украинските сили од териториите анектирани од Русија и привремено меѓународно признавање од страна на ЕУ на тие територии како руски.
Се предлага да се одржи референдум за окупираните територии. Исто така, се предлага Германија и Русија да потврдат дека претседателските избори треба да се одржат во Украина што е можно поскоро.
Според документот, Украина треба да остане надвор од НАТО и другите воени блокови, но членството во ЕУ би можело да се прифати по одредени економски договори, пишува table.media.com.
Медиумот, исто така, пишува дека на безбедносната конференција во Москва на 11 ноември, руските претставници презентирале предлог за нова безбедносна рамка во Европа, која би се регулирала преку билатерални договори со европските членки на НАТО.
Ова, како што е наведено, не е доказ дека Русија сака по секоја цена да го уништи механизмот за колективна одбрана на НАТО, но покажува дека е повеќе заинтересирана за преговори со членките на алијансата поединечно, отколку да го има НАТО како свој соговорник во преговорите.
Големиот информативен сервис „Редакциска мрежа на Германија“ (RND) оценува дека Русија сака да ги искористи разговорите за Украина за да иницира нови преговори во безбедносната архитектура на цела Европа.
RND верува дека рускиот претседател Владимир Путин не сака никаков мир што би ја ограничил неговата експанзионистичка политика и дека само симулира подготвеност за преговори за да добие време.
Ова, пишува RND, го потврди и шефот на дипломатијата, Сергеј Лавров, кој исклучи какво било примирје во Украина пред да се разјаснат основните контури на идниот безбедносен поредок во Европа.