Иво Погорелиќ со Шопен го маѓепса Скопје: Ексклузивност, овации и бис

"Да се обидете со зборови на каков било начин да го изразите свирењето на Погорелиќ, е задача со најмногу предизвик, речиси невозможна мисија“, велат музичките критичари


Музичко чудо се случи синоќа во Скопје. Пред преполната Голема сала на Македонска филхармонија, со публика од целиот регион, за прв пат во Скопје, го слушнавме и го видовме маестро Иво Погорелиќ на грандиозен едночасовен концерт, со тешка програма, со истата вита става и со избричена глава како што го паметиме по концертот во катедралната црква “Св. Софија“ во Охрид во 2015 година, кој му беше втор, по 1981 година.  

Сега 64- годишниот хрватски пијанист (роден во Белград)  со светска слава, со место на живеење во Лугано, Швајцарија, со камерниот состав „Ајга“ под дирегентска палка на Ана Спасовска во Скопје го изведе Шопеновиот концерт за пијано и оркестар бр.2 опус 21. На ексклузивниот концерт, оркестарот „Ајга“ ја изведе и Седмата симфонија од Бетовен.

Во смокинг и вратоврска пеперутка, легендарниот пијанист, кој ја обележа класичната музичка сцена на нашето време, ги поздрави гостите со наклон, без да изусти ниту збор, силно концентриран на свирењето. Така и го заврши концертот. Без збор. Публиката бараше бис, за чудо, тој се врати, го отсвири пак Шопен  и мистериозно исчезна во ноќта.

Настапот во Скопје е дел од неговата турнеја во неколку европски држави како Франција, Италија, Белгија. По концертот во Скопје, виртуозот од светски глас ќе настапи и во Загреб, Хрватска, а потоа и во Минхен, Германија.

За него светот слушна во 1980 година кога како млад пијанист со впечатлив изглед, на 22 годишна возраст не доби дозвола да оди понатаму на Интернационалниот Шопен натпревар во Варшава, поради како што рече жирито, премногу слободната интерпретација. Погорелиќ и денес, по пијанистичка пауза до 2000-та година, поради смртта на сопругата, се уште е енигма за публиката и за критиката низ целиот свет. Во Охрид во 2015 година не даваше изјави, не сакаше ниту прес, ниту фотографирање. Во Скопје, во петокот, одржа прес-конференцијаи даде интервјуа за неколку медиуми. Вежбаше и  синоќа, во салата на Филхармонија, пред самиот почеток на концертот , облечен лежерно. Годишно свири по 40 концерти низ светот а хонорарот му варира во зависност дали свири во Европа или во Азија.  До сега има објавено 14 албуми за „ Дојче грамофон“, а од 2019 е екслузивец на „ Сони Класикал“. Им помага и на младите музички таленти, но и на унесреќените низ светот, за што е прогласен од УНЕСКО за амбасадор на добра волја.

За успех и кариера на секој уметник, Погорелиќ вели дека, неизоставно е да се верува во своите принципи и под никоја цена тие да не се занемарат или заменат со некои минорни вредности.

– Секој има свои вредности и најважно е да не се дозволи нивно компромитирање, изјави на пресот во Скопје, Погорелиќ.

Манекенската става на маестрото, продорниот поглед, нескротливата фризура но и вештите прсти, совршената концентрација, усовршената и облагородена дарба го искачија до самиот врв, за што сведочат и ангажманите во „Корнеги хол“ и настапи со Берлинската, Виенската филхармонија, со симфониските оркестри на Лондон, Филаделфија…

“Да се обидете со зборови на каков било начин да го изразите свирењето на Погорелиќ, е задача со најмногу предизвик, речиси невозможна мисија“, велат музичките критичари.

 

Л. Сабит