Ивановиќ Кастареде: Општеството да ги препознае жените како еднакви чинители

Речиси една од четири земји денес бележи назадување во правата на жените, а 60% од испитаниците и испитаничките на глобално ниво изразуваат загриженост за застојот во еднаквоста. Исто така, над 600 милиони жени и девојчиња живеат во конфликтни зони, а родово базираното насилство и економската нееднаквост растат, вели во интервју за МИА шефицата на канцеларијата на UN WOMEN во Скопје Весна Ивановиќ Кастареде.
Во интервјуто направено по повод 15 години од основањето на UN WOMEN Ивановиќ Кастареде, посочува дека оваа година се одбележуваат повеќе значајни јубилеи како што се 30-годишнината од Пекиншката декларација и Платформата за акција, 25-годишнината од Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 1325 – Жени, мир и безбедност, како и 25-годишнината од собирањето родово разделени податоци во земјата.
-Иако се забележа одреден напредок, како зголемена застапеност на жени на одлучувачки позиции и подобрен пристап до образование и услуги, предизвиците остануваат присутни во повеќе сфери. Овие јубилеи се можност да потсетиме дека напредокот не смее да се зема здраво за готово, туку да послужи како поттик за уште посилна и заедничка заложба за исполнување на ветувањата дадени за родова еднаквост и остварување на правата на сите жени и девојчиња, рече таа.
За кај нас, Ивановиќ Кастареде посочува дека како потписничка на Пекиншката декларација и Истанбулската конвенција, државата презеде обврски кои веќе се рефлектираат во законите и институциите, но дека е потребна поголема имплементација и политичка волја за промените да се почувствуваат на теренот – во секој град и село, во домот и на работното место.
-Но, најважно од сѐ е да се промени пристапот, родовите стереотипи да се искоренат, за да имаме одржлив напредок во животот на жените во секое поле. Во земјава жените се недоволно застапени во извршната власт, особено на локално ниво и во одредени сегменти на приватниот сектор. Промовирањето на правата на жените, особено на оние во руралните средини, немнозинските заедници и жени во ризик, останува приоритет, нагласува шефицата на канцеларијата на UN WOMEN во Скопје.
За тоа што е најзначајно за подобрување на позицијата на жените во нашето општество, Ивановиќ Кастареде смета дека се важни повеќе работи, како образованието, поддршката од семејството и најблиските, финансиската независност и еднаквиот пристап до можности, но дека можеби најважно е општеството да ги признае жените како еднакви чинители.
Во однос на застапеноста на жените во политиката, таа вели дека во моментот, посебно внимание треба да се посвети на зголемување на учеството на жените во политиката и јавниот живот, особено на локално ниво, каде застапеноста е најниска – во моментов само две жени се градоначалнички во земјата.
-И покрај тоа што државата за првпат избра жена претседателка во 2024 година, жените сè уште се недоволно застапени на извршни, министерски и раководни функции. Тоа е последица на родови стереотипи, длабоко вкоренетите патријархални норми, и структурни бариери во општеството во целина, посочува шефицата на канцеларијата на UN WOMEN во Скопје Ивановиќ Кастареде.