Иван Костиќ нов директор на „Филип Морис ТКП“


Иван Костиќ е новиот директор на „Филип Морис Тутунски комбинат Прилеп“ (ФМТКП) ДОО Скопје, компанија која е резултат на стратешкото партнерство на тутунскиот гигант „Филип Морис Интернешнл“ (ФМИ) и „Тутунски комбинат Прилеп“ (ТКП).

Костиќ, кој доаѓа на местото на Михаел Солтер, веќе 13 години работи во филијалата на „Филип Морис“ во Србија, а за директор на ФМТКП доаѓа од позицијата директор за стратешко планирање и програми за Југоисточна Европа.

– Со голем ентузијазам го преземам раководството на ФМТКП, компанија што се издвојува на националниот пазар, со соодветна тежина во економијата на земјата и со историја што ме инспирира и мотивира. Искуството од 13 години во ФМИ ќе биде ставено во функција на визијата за раст и генерирање на вредност за групацијата, на нашиот стратешки партнер ТКП, но и за општеството во целина. Се потпирам на исклучителните успеси на мојот претходник кого исклучително го ценам и почитувам, но и на фактот дека ќе работам со силен тим од интелегентни, талентирани и добри луѓе, изјави Костиќ.

ФМТКП е основана во 2014 година како резултат на Договорот за стратешко партнерство помеѓу ФМИ и ТКП според кој новата заедничка компанија стана одговорна за производство, дистрибуција и продажба на брендовите од заедничкото портфолио на домашниот пазар. Благодарение на партнерството со ФМИ и исполнувањето на строгите принципи и стандарди за квалитет, во земјава се произведуваат меѓународните брендови Честерфилд и Марлборо. ФМТКП минатата година на македонскиот пазар го донесе и IQOS, иновативниот уред на ФМИ кој го загрева, наместо да го согорува тутунот.