Иван Јорданов единствениот кандидат во анкетата на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Штип

Нема да има повеќе кандидати во анкетата, туку само името на сегашниот градоначалник на Штип


 

ШТИП – Во општините кои имаат од 15.000 до 50.000 жители ВМРО ДПМНЕ, со одлука на Извршниот комитет на партијата ќе прави анкетно истражување за тоа кои кандидати се најприфатливи за луѓето за градначалник на соодветната општина. На анкетираните ќе им бидат предложени по максимум четири имиња, а оној кој ќе добие најголема доверба ќе се најде во финишот на изборната трка за татко на општината. Штип е во оваа категорија општини со нешто над 47.000 жители.

Но, во Штип ВМРО ДПМНЕ, во прашањето до граѓаните кои ќе бидат анкетирани, ќе има само едно име.

Тоа е Иван Јорданов, актуелниот градоначалник на Општина Штип.

„Иако Извршниот комитет на партијата има донесено одлука за поголем број на кандидати за градоначалник кои ќе одат на анектна проверка пред јавноста, Општинскиот комитет на Штип, на седница пред крајот на минатата година, со општ консензус, одлучи во процесот на анкетирање да има само едно име, а тоа е актуелниот градоначалник Иван Јорданов“, ни изјави Душко Иванов, актуелен пратеник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

Според Иванов, сите анкети покажувале ити тој убедливо ќе победел на есенските локални избори, без оглед која личност од другата политичка опција ќе му биде противкандидат.

Ако Јорданов победи во 80-годишната слободарска историја на Општина Штип тој ќе биде само втората личност која успеала да врзе два мандата, односно осум години да ја врши највисоката општинска функција. Претходно, тоа му успеа само на Михаил Данев, кој беше претседател на Општина Штип (денес градоначалник) и најистакната политичка фигура во периодот 1974-1982 година. (Истокпрес)