Италијанската коалициска Влада пред распаѓање
Во 15 часот по локално време се очекува Конте да поднесе оставка за време на обраќањето пред Сенатот. Доколку Конте не поднесе оставка, се очекува вицепремиерот и претседател на партијата „Лига“ Матео Салвини, кој претходно ја растури коалицијата со движењето Пет ѕвезди да побара предвремени избори. Според последните анкети, „Лига“ и нејзините крајнодесничарски сојузници убедливо би победиле на предвремени избори.
Но без разлика дали Конте ќе поднесе оставка или Салвини ќе побара недоверба на Владата, тоа ќе значи крај на 65-от повоен владин кабинет, само 14 месеци по доаѓањето на власт.
На 8 август Салвини ја раскина коалицијата со Движењето Пет ѕвезди, велејќи дека е заморен од постојаните кавги со сојузникот, со кој се спореа околу големи проекти, како што е изградбата на брза железничка пруга Лион – Торино. Тој тогаш соопшти дека Владата веќе нема мнозинство и побара предвремени избори на есен. Но Конте побара таа постапка да се спроведе во Парламентот. Против секое очекување, Движењето пет ѕвезди и опозициската Демократска партија одбија да расправаат за гласање недоверба, па сега нивните политичари отворено зборуваат за формирање меѓусебна коалиција, со цел маргинализирање на Салвини.