Италија може да протера мигранти поради нарушување на јавниот ред


Странците кои легално живеат во Италија ќе можат да бидат протерани од земјата во иднина доколку го загрозат јавниот ред или националната безбедност, се вели во нацрт владината уредба.

Мерката, која ќе биде усвоена на седницата на владата, е дел од мерките што ги вети десничарската Влада на премиерката Џорџа Мелони како одговор на наглото зголемување на бројот на пристигнувања на бродови од Северна Африка.

Во нацрт владината уредба се посочува и дека при голем наплив на мигранти, прифатните центри ќе можат да примат и до двојно поголем број луѓе за кои се наменети.

Според уредбата, се дозволува малолетниците на возраст над 16 години да бидат задржани во прифатни центри за возрасни во период до три месеци.

Таа, исто така, предвидува депортација на мигранти кои лажно тврдат дека се малолетни, и ѝ дава на полицијата пошироки овластувања да ја процени возраста на пристигнувањето мигранти, користејќи мерења на телото и рендген.

Откако ќе биде одобрена од кабинетот, уредбата ќе стапи во сила веднаш, но во рок од два месеца ќе треба да биде ратификувана од Парламентот. За време на ратификација, може да се дополни и менува.

Владејачката коалиција на Мелони дојде на власт минатата година, ветувајќи дека ќе ја ограничи имиграцијата. Но, минатата година, повеќе од 133.000 мигранти пристигнаа преку Медитеранот, во споредба со нешто помалку од 70.000 за истиот период во 2022 година.