Истражување со суперкомпјутер предвиде крај за животот на земјата


„Тројниот удар“ на CO2, сонцето и новиот мега континент може да ја направат Земјата непогодна за живеење, открива нова студија. Луѓето би можеле да бидат избришани со формирање на „суперконтинент“ во следните 250 милиони години, покажува новото истражување.

Истражувањето, објавено во научното списание Nature Geoscience, ги нуди првите климатски модели на суперкомпјутер од далечната иднина. Тој предвидува дека како што континентите ќе се спојуваат, ќе формираат еден топол, сув и во голема мера непогоден суперконтинент за живеење, а тоа „веројатно ќе доведе до точка на пресврт за климата“ и „масовно истребување“ на цицачите.Зголемувањето на вулканската активност што ја загрева планетата и зголеменото затоплување од Сонцето ќе резултираат со невидена топлина што ќе ја направи Земјата неиздржлива за луѓето, предвидува истражувањето.

„Изгледите во далечната иднина изгледаат многу мрачни“, вели водечкиот автор на студијата,  Александар Фарнсворт, виш научен соработник на Универзитетот во Бристол. Нивоата на јаглерод диоксид би можеле да бидат двојно повисоки од сегашните нивоа за 250 милиони години.

„Со оглед на тоа што сонцето, исто така, се очекува да емитува околу 2,5 отсто повеќе зрачење и суперконтинентот се наоѓа првенствено во топлите, влажни тропски предели, голем дел од планетата би можел да се соочи со температури помеѓу 40 и 70 ° C“, додава тој.

Зошто новиот суперконтинент би ја направил Земјата непогодна за живеење? Адаптациите како хибернацијата и крзното им помогнаа на цицачите да преживеат екстремен студ во минатото. Сепак, нашата толеранција кон високите температури остана во голема мера константна, забележуваат истражувачите. Ако климатските симулации моделирани во студијата се остварат, повеќето цицачи веројатно нема да ја преживеат долгата прекумерна топлина.

Иако Земјата сè уште ќе биде во зоната погодна за живеење за 250 милиони години, формирањето на суперконтинент со покачен CO2 ќе го направи поголемиот дел од светот непогоден за живеење за луѓето и другите цицачи. Наодите покажуваат дека на само помеѓу 8 и 16 отсто од земјиштето би можело да се живее.

Земјата е на работ на минување на климатските „пресвртни точки“ доколку глобалното затоплување продолжи со сегашното темпо. Тектонските процеси кои предизвикуваат спојување на континентите на Земјата ќе доведат до почести вулкански ерупции, кои ослободуваат огромни количини на јаглерод диоксид. Ова ќе придонесе за екстремна топлина.

„Новопојавениот суперконтинент ефикасно би создал троен удар, кој го содржи ефектот на континенталност, пожешкото сонце и повеќе CO2 во атмосферата, на зголемената топлина за поголемиот дел од планетата“, вели д-р Фарнсворт. „Резултатот е претежно непријателска средина без извори на храна и вода за цицачите“.

Соочени со температури помеѓу 40 и 50°C и висока влажност, луѓето не би можеле да ги оладат своите тела преку пот, што на крајот ќе ја „запечати нашата судбина“, вели тој.

Дали фосилните горива ќе ја направат Земјата непогодна за живеење пред да се формира суперконтинентот? Кога итно се залагаме за намалување на емисиите, 250 милиони години изгледаат далечни.Но, фактот дека делови од планетата сè уште ќе можат да се населат во далечна иднина не ги прави нашите напори залудни.Глобалното затоплување предизвикано од луѓето веќе е главен извор на топлотен стрес и смрт во некои региони – а проблемот се влошува.

„Од витално значење е да не се изгуби од вид нашата моментална климатска криза, која е резултат на човечките емисии на стакленички гасови“, вели коавторот на студијата, д-р Јунис Ло, научен соработник за климатски промени и здравје на Универзитетот во Бристол. 

„Додека предвидуваме ненаселлива планета за 250 милиони години, денес веќе доживуваме екстремна топлина што е штетна за здравјето на луѓето. Затоа е клучно да се достигнат нето-нула емисии што е можно поскоро“, апелира таа.

Истражувачите работеа на претпоставката дека луѓето ќе престанат да согоруваат фосилни горива. Ако не се стори тоа, нивото на CO2 може да се зголеми „многу, многу порано“, предупредуваат тие.

Климатските модели на Обединетото Кралство и суперкомпјутерот на Универзитетот во Бристол беа користени за симулирање на трендовите на температурата, ветерот, дождот и влажноста на суперконтинентот – познат како Pangea Ultima – кој се очекува да се формира во следните 250 милиони години. Меѓународниот тим на научници користел и модели на движење на тектонските плочи, хемијата на океаните и биологијата за да ги процени идните нивоа на CO2.Истражувањето беше дел од финансираниот проект, поддржан од Советот за истражување и иновации за природната средина на Обединетото Кралство (UKRI NERC) кој ги разгледува климите на суперконтинентите и масовните изумирања.