Истражување: Евроскептицизмот не расте, граѓаните се неодлучни

Според Марко Трошановски, граѓаните не се експлицитно против поддршката за ЕУ


 

Иако нивото на поддршка кај граѓаните за членството во ЕУ оваа година е најниско евроскептицизмот не е во пораст и поголем дел од граѓаните остануваат неодлучни по ова прашање, изјави денеска Марко Трошановски од Институтот за демократија (ИДСЦС), образложувајќи анкетни истражувања.

На промоцијата на „Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014 – 2023)“ и „ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси – Анализа на јавното мислење за 2023 година“, Трошановски рече дека според најновите истражувања, поддршката за членство во моментов стои на 60 проценти.

Трошановски појасни дека постои се поголем етнички јаз помеѓу Македонците и Албанците иако и двата етникума со мнозинство го поддржуваат членството во ЕУ.

„Иако поддршката за ЕУ опаѓа, сепак може да се каже дека евроскептицизмот не расте, односно поголем дел од граѓаните стануваат неодлучни и неопределени по ова прашање, но и не се противат експлицитно“, изјави Трошановски на промоцијата во Скопје на двете анализи.

Како што потенцираше, очекувањата на граѓаните се дека процесот за влез во ЕУ ќе се сведе само на задоволување на билатерални барања на соседите.

„Поддршката за влез во ЕУ кај дел од граѓаните подразбира и дека ние како држава мора да направиме одредени отстапки и концесии, за што постои свесност кај популацијата дека иако се непопуларни, нив мораме да ги направиме за да се помрдаме еден чекор понатаму“, додаде Трошановски.

Тој напомена дека иако сѐ помалку Европската унија се смета за највлијателна „земја“ во Македонија, тоа од друга страна е балансирано со поддршката на ЕУ како најпосакуван сојузник на земјата. Мнозинство од граѓаните ја сметаат ЕУ за најдобар сојузник.

Како што рече, 30 проценти од граѓаните се неодлучни дали сакаат или не сакаат да влезат во ЕУ.

„тничкиот јаз е најмногу поради билатерални прашања кои идентитетски ја засегаат македонската заедница и кај неа расте резервата од поддршка за членство во ЕУ“, рече Трошановски.

Тој посочи дека 65 проценти од луѓето сметаат дека измените на Кривичниот законик беа донесени со искривени мотиви, односно во насока на амнестирање на државни функционери.

Истражувањето е спроведено во ноември на примерок на илјада испитаници, во организација на Институтот за демократија и Фондација „Конрад Аденауер“. (МИА)