Истражување: АД Електрани со најмногу тендери на иста фирма


 

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК)  спроведе длабочински мониторинг на тендерите на 37 акционерски друштва и претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга. Според наодите. во 2019 година, овие претпријатија склучиле договори за јавни набавки во вредност од 247 милиони евра, што е 27 отсто од вкупните јавни набавки на земјата. целта на истражувањето беше да се констатираат ризиците што ги носат тие за корупција, при што е утврдено дека тие најчесто се манифестираат преку чести и значајни измени на плановите за јавни набавки, како и преку ниската реализација на плановите.

-Кај 16 од 37 претпријатија, реализацијата на плановите за јавни набавки е пониска од 50 %. Највиско ниво на реализација на планот имало АД МИА со 96 %, а најниско АД Водостопанство од само 1 %,, стои во анализата.

Како втор ризик е посочена концентрацијата на една фирма во јавните набавки на одредена институција, како еден од најрелевантните индикатори за постоење на ризик од корупција. Тоа е проблем којшто е евидентиран кај голем дел од анализираните претпријатија и акционерски друштва. Кај речиси една третина од нив, концентрацијата на набавките кај една фирма е поголема од 40 %. Според вредноста на договорите најголем удел на една фирма има кај АД Електрани, а според процентуално учество во АД Водостопанство.

Третина од таргетираните претпријатија исто така ја применувале нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Високи удели на овие набавки во вкупната вредност на набавките се евидентирани кај Службен весник, со 28 % и кај Градски паркинг Скопје, со 22 %.

Кај дури 20 од 37 таргетирани претпријатија уделот на поништени постапки е повисок од 20 %. Честите поништувања на тендерите претставуваат индикатор за постоење ризик од корупција. Најголеми поништувања на тендерите имале МЖ Транспорт, Национални шуми и ЈСП Скопје.

Големи разлики се констатирани во цените на набавките на ист вид производи и услуги и тоа од 24 % до 120 %. Еден мегават/час елктричната енергија е купуван по цени од 4.738 до 5.888 денари.  Еден топ хартија за печатење  ( бела боја, 80 грама и А4 формат) е купуван од 158 до 349 денари. Претпријатијата им плаќаат на агенциите за обезбедување, за едно лице за физичко обезбедување на месечно ниво 24.255 до 36.875 денари. За привремени вработувања се користени услуги од  специјализираните агенции на кои им се плаќала провизија од 0,01  % до  8,90 % од бруто примањата на работниците. Нафтените деривати, пак, се купувани по највисоките малопродажни цени.

Истражувањето Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините  е изработено во рамките на проектот „Кон отчетни јавни претпријатија“ со финансиска помош од Амбасадата на Kралството Холандија.