Кинескиот гигант BYD ќе произведува електрични камиони во Европа


Кинескиот производител на електрични возила BYD планира следната година да го лансира својот прв модел на електричен камион на европскиот пазар, а подоцна и да го произведува во Европа – ова го најави Стела Ли, извршен потпретседател на компанијата, на саем во Хановер.

„На долг рок, сè што продаваме во Европа ќе го произведуваме токму овде, во Европа“, изјави извршната потпретседателка, која истовремено раководи со одделот за меѓународно работење на кинескиот гигант.

BYD има за цел на операторите на возни паркови да им понуди целосен опсег на услуги, вклучувајќи финансирање, инфраструктура за полнење на сончева енергија и мрежа на сервисни работилници, како и мобилна помош на пат, додаде Ли.

Производството во Европа би го решило прашањето за царините со кое се соочува BYD. Европските производители, вклучително и германскиот MAN, побараа од Европската Унија да воведе царини за увоз на кинески електрични камиони, покрај оние што веќе важат за кинеските електрични автомобили.

„Не ни се допаѓа овој наметнат данок бидејќи не му користи никому, но мораме да најдеме решение“, рече Ли.

Царините ќе влијаат врз работењето на BYD само на краток рок – сè додека не се обезбедат услови за проширување на производството во Европа – нагласи претставничката на компанијата.

BYD веќе ги започна подготовките за производство на повеќе патнички автомобили во Европа и гради фабрика во Сегед, Унгарија, каде што масовното производство треба да започне следната година.

„Откако во Европа ќе продаваме исклучиво возила што се и произведени во Европа, сè ќе биде во ред; ќе станеме европска компанија“, заклучи Ли.