Лореал го престигна ЛВМХ и стана највредната француска компанија


Францускиот козметички гигант Лореал го престигна ЛВМХ и стана највредната компанија на француската берза, во период кога производителите на луксузни производи се соочуваат со послаба продажба и намалена побарувачка.

Пазарната вредност на Лореал достигна околу 203 милијарди евра, додека ЛВМХ, групацијата во чија сопственост се брендовите Луј Витон и Диор, вреди околу 202 милијарди евра.

Ова е првпат од 2017 година компанија надвор од секторот на луксузна мода да го заземе првото место на Париската берза на крајот од трговскиот ден.

Промената доаѓа во време кога луксузниот сектор се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои забавувањето на кинеската економија и послабата потрошувачка на скапи производи. Според проценките на консултантската компанија Бејн, постојаните поскапувања во секторот во изминатите години оддалечиле околу 60 милиони потрошувачи од пазарот на луксузни производи.

Од друга страна, козметиката покажува поголема отпорност во услови на економска неизвесност. Аналитичарите го поврзуваат тоа со таканаречениот „ефект на кармин“, според кој потрошувачите во потешки економски периоди почесто се одлучуваат за помали и подостапни задоволства, како козметички производи, наместо за скапа облека, чанти или накит.

Акциите на Лореал од почетокот на годинава пораснале за околу 5 отсто, додека акциите на ЛВМХ загубиле околу 35 отсто од вредноста.

ЛВМХ во периодот на силната потрошувачка по пандемијата беше и највредната компанија во Европа, но падот на побарувачката за луксузни производи значително ја намали нејзината пазарна вредност.