Истражна постапка против скопјанец кај кого е пронајдено оружје


Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен скопјанец за сторено кривично дело недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Јавното обвинителство соопшти дека оружјето било пронајдено откако осомниченот бил лишен од слобода од полицијата поради нарушување на јавниот ред и мир.

-Притоа, тој почнал вербално да се заканува дека ќе употреби огнено оружје. Оружјето, пиштол марка „zoraki M 906-B“ и 30 куршуми, што осомниченото лице ги поседувало без дозвола, при извршен претрес биле пронајдени во помошни простории во домот каде тој живеел со своите родители, соопшти Обвинителството.

Заради обезбедување непречено водење на кривичната постапка,  јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Судот со решение на осомничениот му определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште односно престојувалиште, задолжително јавување пред надлежен орган и привремено одземање на патната исправа.​