Истрагата за Сашо Дранго уште трае, „Анима мунди“ ги доставило сите докази до обвинителството
Дранго, кој се сликаше со отепана мечка, не беше разрешен од функцијата во „Македонијапат“, туку беше сменет откако му заврши договорот

БИТОЛА – Здружение за заштита на животни „Анима Мунди“, пред шест дена ги доставило сите докази во случајот со фотографијата со Сашо Дранго и отепаната мечка, вели Гизела Бошковска, истакнат активист во здружението.
Случајот со спорната фотографијата на која е Сашо Дранго (сега бивш државен функционер на „Македонијапат“) фотографиран со убиена мечка и со пушка со снајперски нишан ја разбранува македонската јавност на почетокот на оваа година. Уште истиот ден е отворена предистрага од страна на ОЈО Битола.
Денеска од ОЈО за „Независен“ велат: „Постапката е во тек. Во овој момент не сме во можност да споделиме детали“.
Гизела Бошковска во разговор за „Независен“ вели дека будно го следат случајот и дека соработуваат со истражните органи, а на 12 март, преку пошта, препорачано ги испратиле сите докази поврзани со овој случај до ОЈО Битола.
„Добивме допис од ОЈО Битола да им обезбедиме докази. Испративме фотографии кои нам ни ги доставија преку мејл пораки. Направивме и скрин шотови од пораките на мејл со содржините што ги добивме околу овој случај, и сето ова преку препорачано писмо го испративме до ОЈО Битола“, вели Бошковска.
Според неа, мејлот од каде биле испратени фотографии и текст со наводи за случајот со Дранго немал конкретно име и презиме, туку бил креиран да не биде препознатлив. А, самиот испраќач на информацијата сакал да остане анонимен.
„Ние можеме само да претпоставиме кој е испраќачот на содржините и фотографиите во случајот со Сашо Дранго, по пораките оставени на Фејсбук страната на Здружението, но сепак официјално не знаеме кој е известувачот за спорната фотографија“, нагласува Бошковска.
Сашо Дранго до почетокот на март беше заменик-директор на „Македонијапат“, но откако истече неговиот договор тој не доби нова можност од Владата да раководи со државното претпријатие. Не беше разрешен рече тој за „Независен“:„Не ме сменија, имав договор на шест месеци и ми заврши договорот“.
Тој тврдеше дека не ја убил мечката туку заедно со вработени во „Македонијапат“ само ја тргнале од сообраќајница на патот Битола-Ресен, по што тој се сликал со неа. Уверуваше и дека за инцидентот има записник и во СВР – Битола, но од полицијата го негираа дека има пријава.
Во текот на овој период ОЈО Битола изврши распит на Сашо Дранго, изврши и претрес во неговиот дом во Демир Хисар, а го зеде за вештачење и неговиот мобилен телефон.
„По завршување на сите дејства, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, посочија од Јавното обвинителство по распитот на Дранго на почетокот на март.
Денеска Гризела Бошковска од „Анима мунди“, вели дека тоа што Дранго за цело ова време дава различни изјави за случајот, значи дека тој не ја зборува вистината и очекуваат кривично гонење.
„Очекуваме да одговара кривично со најстрога казна земајќи го предвид неговото портфолио и тоа што беше функционер треба да послужи за пример. Со оглед на тоа дека константно дава различни изјави евидентно е дека лаже. Ако мечката е уловена во друга земја верувам дека е тоа лесно проверливо, бидејќи другите земји каде е дозволен лов како Русија, Финска, Норвешка и слични се прави под строго дефинирани услови и контроли, со посебни дозволи. Тоа подразбира дека треба да има соодветна документација од тој лов или во најмала рака доказ за влез во некоја од тие држави“, изјави Бошковска, член на „Анима мунди“ за „Независен“.