Историската комисија во челуста на политиката


Познатата средба на претседателот Румен Радев со бугарските историчари од комисијата на 19 септември 2019 на која им зададе задачи за работата и рокови

Историчарот Ванчо Ѓорѓиев беше инстантно злоупотребен од лидерот на опозицијата, а Владата му врати со уште понизиок удар од неговиот за „виткање на кичмата“. Бугарските историчари се инструментализирани веќе две години од тамошната политика, сега дојдоа на ред и некои од македонските

 

Љупчо Поповски

Оставката на членот на македонско-бугарската историска комисија, Ванчо Ѓорѓиев, објаснета со очигледни политички конотации, без сомнение го префрли македонскиот дел од ова историско друштво директно во челуста на политиката. Откако бугарскиот дел веќе две години е инструментализиран од тамошните политичари. Споменувањето на синтагмата „виткање на кичмата“ од опозициските денови на Зоран Заев во образложението на Ѓорѓиев е директно вмешување на историчарот, кој е платен од државата да работи во интерес на науката и државните интереси, во политиката меѓу двата изборни круга на локалните избори со голем влог.

Се разбира дека Ѓорѓиев објаснува оти тој се води од националните и научните интереси, но неговата инстантна злоупотреба од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најпосле ќе го остави со горчлив вкус во устата. Ѓорѓиев е веќе искористен, на оној најбрутален начин што знае да го направи политиката. По нискиот удар што ѝ го зададе Ѓорѓиев на власта, Владата му врати со уште понизок, објавувајќи дека тој пред само една недела се согласил да продолжи неговиот ангажман.

Реакцијата Христијан Мицкоски беше дел од неговата редица катастрофични објави дека некој во власта сака да го „распродава македонскиот идентитет“ и тоа „меѓу два изборни круга“ и ги повика сите други членови од македонскиот дел од комисијата да го следат Ѓорѓиев и да си поднесат оставки.

Ако тоа се случи сосем веројатно дека треба да им кажеме збогум на надежите за некаков пробив на бугарската блокада за почнување на преговорите со ЕУ во догледно време. Тогаш Македонија ќе биде обвинета дека го саботира Договорот за добрососедство и ќе ѝ даде неограничен број муниција на Софија да им кажува на европските партнери и САД дека била во право оти вината е во Скопје.

Сигурно дека овој повик на Мицкоски е поврзан со вториот круг на изборите, тој сака да му зададе уште еден голем удар на Зоран Заев. Но тоа е прилично инфантилна политика и прилично неодговорна – да ги уриваш перпективите на државата заради една победа на локални избори. И да го искористиш професорот Ванчо Ѓорѓиев без оглед какви му биле неговите намери. И да ги урнеш мостовите и после да зборуваш дека е тешко да се изградат нови.

Македонската политика досега се обидуваше да стои настрана од работата на историската комисија, без оглед на тоа што ќор-сокакот во неа, најмногу поради ултимативните ставови на бугарските историчари трае, веќе две години. Бугарскиот историчар Ангел Димитров, копретседател на комисијата, вчера на брифингот во бугарското МНР, на новинарите им изјави дека станувало сѐ потешко во работата на комисијата и дека „постои политички пртисок врз неговите колеги од македонскиот дел од комисијата“ поради вториот круг на изборите (на кого мисли – на Ѓорѓиев или на другите) и дека не може да се излезе од 10. и 11. век. Македонските историчари велат дека ништо посебно не се случило на оваа средба што било поинакво од другите состаноци. Двете страни имале различно разбирање за модерното толкување на историјата, и за учебниците и за Гоце Делчев.

Не треба да заборавиме – првото големо вмешување на политиката во историската комисија беше уште на 19 септември 2019, кога бугарскиот претседател Румен Радев ги свика во неговиот кабинет бугарските историчари што се дел од неа и им подели задачи. Па дури и рокови – за еден месец да се решат несогласувањата. „Ако можете да гарантирате дека во рамките на следниот месец ќе се решат сите спорови околу настаните, личностите, учебниците, натписите во музеите и спомен-плочите, бугарската влада нека продолжи со политиката на безусловна поддршка на членството на Македонија во Европската унија“, им рече тогаш Радев на историчарите. Ако таква гаранција не може да биде дадена, тој ќе иницира преземање на мерки за изработување на нова национална позиција „со јасни очекувања и критериуми за заштита на бугарскиот национален интерес кои треба да се наметнат во преговарачката рамка со Република Северна Македонија“.

Настаните од тој „нареден месец“ се јасно ја покажаа интервенцијата на бугарската политика во работата на комисијата. Не помина месецот што Радев им го даде како рок на бугарските историчари, а на 9 октомври 2019 бугарската влада усогласи декларација во која се наведуваат серија услови и закани за блокада на Скопје на патот кон ЕУ. Не смее да се споменуваат македонскиот јазик и „бугарскиот фашистички окупатор“ и дека Софија „нема да дозволи интеграцијата на С. Македонија во ЕУ да биде придружена од европска легитимација на државно спонзорирана идеологија врз анти-бугарска основа“. Потоа и дека поинаквото пишување на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година е еден од столбовите на антибугарската идеолошка конструкција на југословенскиот тоталитаризам“

Еден ден подоцна бугарското собрание ја усвои познатата декларација со која се дава поддршка на Македонија и Албанија да почнат преговори со ЕУ. Но „поддршката за европска интеграција не смее да биде на штета на историските настани, документи и артефакти, како и улогата и ставовите на личности од бугарската историја“, стои во неа.

На 18 октомври 2019 година Емануел Макрон ја блокираше Македонија на самитот на ЕУ, објаснувајќи го тоа со зборовите: „Отворањето на преговорите само со Македонија а без Албанија ќе беше голема грешка за регионот“. Дали оваа постапка на Макрон беше водена само од барањета за подготовка на нов механизам во преговорите со земјите кандидати, или пак имаше нешто друго под масата, веројатно никогаш нема да се дознае.

Месецот на Радев заврши, големата блокада почна. Оттогаш состаноците на историската комисија станаа бесполезни. Бугарскиот дел не можеше да излезе рамката што ѝ ги зададе политиката и пропадна во нејзината челуст. Сега тоа треба да се случи и со македонскиот дел. Ванчо Ѓорѓиев, свесно или не, ја отвори таа порта, Мицкоски се затрча да помине најбрзо што може низ неа. И тоа во моментот кога еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, претставувајќи го извештајот на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидати јасно порача – Македонија и Албанија целосно ги исполнија условите и заслужуваат да ги почнат преговорите. А и дека не доаѓа предвид нивно одвојување. Но некој овде како да сака да се случи тоа.