Историската комисија разговарала за учебниците и за средновековните црковни институции
Учебниците по историја кои го третираат периодот на средновековната историја и евентуалното заедничко чествување на Гоце Делчев, беа тема на дводнавната средба Историската комисија на Македонија и Бугарија што заврши денеска во Скопје, соопшти македонскиот тим во Комисијата.
„Во однос на учебниците по историја тема на дискусија беа средновековните црковни институции и нивното значење за христијанството и словенската писменост и култура. Со оглед на долготрајноста на дискусијата по оваа тема членовите на Комисијата не отворија други теми. Дискусијата по оваа и другите теми за учебниците по историја ќе продолжи на следната средба, која би требало да се одржи кон крајот на октомври оваа година“, се наведува во соопштението.
Оваа дводневна средба во Скопје помина без прес-конференција или изјави за медимите на членовите на двата тима во заедничката комисија. Само бугарските историчари на заминување коментираа дека тонот на разговорите бил добар.
На оваа рунда разговори во македонскиот тим се приклучи Димитар Љоровски, историчар и професор во Институтот за национална историја, кој доаѓа на местото на Ванчо Ѓоргиев, кој лани ја напушти Комисијата.
Заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања на претходната средба на 15 август усвои и објави препораки кои се однесуваат на подобрување на учебниците по историја за 6 одделение во Северна Македонија и 5 клас во Бугарија, како и препораки за заедничко чествување на личности од средниот век – Св. Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил. Тие препораки се усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија.