Историска несреќа е што му дадовме предност на разговорот место на допирот


Научно истражување спроведено од експерти од германскиот универзитет во Есен покажа дека допирот може да ја намали болката, депресијата и анксиозноста, а дека повеќе допир придонесува за олеснување на менталните и физичките заболувања.

Без разлика дали се работи за пријателска прегратка или допир на омилена ткаенина, самото чувство на допир е корисно и за умот и за телото, пренесува порталот Science Daily. Сетилото за допир е првото нешто што се развива кај новороденчињата и е пресудно за нивното откривање на околината и за развој на комуникацијата.

Отсуството на физички контакт за време на пандемијата на Ковид-19 тешко погоди голем број луѓе ширум светот. Но, додека бројни претходни студии покажаа дека допирот може да биде корисен за здравјето на поединецот, сега експертите од Универзитетот во Есен во своето истражување дојдоа до едноставен заклучок – допирот помага.

Статистичка анализа на претходни 85 студии
Д-р Хелена Хартман, коавтор на германската студија, рече дека „покоординираниот допир во текот на денот може да придонесе за олеснување на менталните и физичките поплаки“. Студијата, чии резултати беа објавени во списанието Nature Human Behaviour, опфаќа дури 212 претходно објавени студии за сетилото за допир.

Студијата комбинираше статистички анализи на претходни 85 студии во кои беа вклучени возрасни и 52 студии со новороденчиња. Тимот на научници заклучил дека допирот е подеднакво корисен за менталното и физичкото здравје, што подеднакво се однесува и на возрасните и на новороденчињата.

„Нашата работа покажува дека допирот е најсоодветен за намалување на болката, депресијата и анксиозноста кај возрасните и децата, како и за зголемување на телесната тежина кај новороденчињата“, велат истражувачите. Позитивното влијание врз менталното здравје било поголемо кога станува збор за човечки допир отколку кога испитаниците допирале омилено ќебе или специјални роботи дизајнирани да ја подобрат човековата благосостојба.

„Нашата кожа има специјални сензори“
Експертите велат дека тоа е веројатно контакт кожа со кожа. Утврдено е и дека допирот е корисен и за здравите и за болните луѓе, но влијанието било поголемо за вторите, особено за нивното ментално здравје.

Д-р Маријана фон Мор од Ројал Холовеј, Универзитетот во Лондон, која не беше вклучена во истражувањето, рече дека идните роботи би можеле попрецизно да ја реплицираат текстурата и топлината на човечката кожа за да ги имаат истите придобивки за менталното здравје како човечкиот допир.

„Овие својства се важни бидејќи нашата кожа има специјални сензори, имено Ц-тактилни аференти, особено чувствителни на нежен, милувачки допир и температура слична на онаа на човечката кожа. Се верува дека тоа се фактори кои го подобруваат и олеснуваат регулирањето на емоциите “, објасни таа..

„Историска несреќа е што во изминатите неколку векови ни се даде приоритет на разговорот пред допирот или други соматски терапии. Овој преглед на неколку студии укажува дека треба да го поправиме ова и да ја воспоставиме потребната рамнотежа со понатамошно, внимателно проучување на интервенциите на допир“, смета проф. Катерина Фотопулу од Универзитетскиот колеџ во Лондон.