Канал 5 објави дека и македонскиот амбасадор во Обединетите нации во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, бил повикан на консултации во МНР, наводно поради финансиски малверзации и непостапување по добиените насоки.
Освен конзистентно непостапување по насоките кои во изминатиот период ги добивал од Министерството (иако Тимчо Муцунски само десет дена е министер), му се забележува и затајување на материјални средства од сукцесија на објекти, како и трошење финансии спротивно на правилниците за работа на дипломатско конзуларните – претставништва.
Пред изборите ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека открило скандал и дека амбасадорот Љубомир Фрчкоски, и покрај неколку инструкции од МНР, една во декември, а другата во јуни годинава, одбивал да ги префрли во буџетот на државата парите добиени од објект продаден во рамките на сукцесијата на бивша СФРЈ. Тогаш, кога беше објавен наводниот скандал, реагираше и МНР нарекувајќи ги тврдењата лаги без основа.
-Средствата од заедничката продажба на објектот на мисијата на поранешна СФРЈ при ОН се делумно префрлени на сметката на постојаната мисија во Њујорк, а соодветно на локалните правила и продажните услови, наскоро се очекува да биде префрлен и преостанатиот износ со што ќе се заокружи целата купопродажна трансакција согласно договорот. Согласно правилата дефинирани од адвокатската канцеларија, сѐ додека не биде префрлен целиот износ не може да се врши парцијален трансфер на средства во буџетот на земјава, имајќи предвид дека токму остатокот кој треба да биде уплатен воедно претставува и гаранција за уплата на данокот од страна на купувачот на имотот на поранешната СФРЈ. Ова правило не претставува исклучок за нас, туку истото го почитуваат и другите држави наследнички на кои исто така им следи соодветен дел од средства од продажбата на имотот.
Во врска со начинот на кој ќе се употребат овие средства, откако ќе бидат вратени во буџетот, постои заклучок на Влада со кој е предвидено од овие средства да бидат купени простории за постојаната мисија во Обединетите нации во Њујорк како и објект за амбасада во Софија, стоеше тогаш во реакцијата на МНР.
Фрчкоски доби потпис од претседателот Стево Пендаровски да замине во Њујорк во март 2022 година откако неговото сослушување со месеци беше опструирано од Антонијо Милошоски, како претседател на Комисијата за надворешна политика, во Собранието. Оваа фарса со именувањата и разрешувањата на амбасадорите трае веќе со децении и не и се гледа крајот. Досега на консултации се повикани амбасадорот во Албанија и амбасадорот во Италија, така што Фрчкоски е трет, а Муцунски уште не дал изјава за јавноста како шеф на дипломатија.
Амбасадорите се особено на удар по смените на власта бидејќи има многу претенденти за нивните фотељи во државата, поради што Законот за надворешни работи исто така се менува со секоја промена на власта. (Н.В.)