Ист резултат на Македонија на „Транспаренси“. Нема напредок во борбата против корупцијата
Борбата против корупцијата назадува во сите земји во регионот. Македонија има 40 поени, исто како и во Индексот за 2024
Со ист број поени – 40 – како во 2024, Македонија се наоѓа на 84. место на Индексот за мерење на корупцијата на „Транспаренси интернешенел“ за 2025 година. На годишниот извештај на организацијата што ја мери перцепцијата за корупција во 182 држави во светот, Македонија не напреднала во борбата, затоа што ги има истиот број поени, но поради падот на повеќе земји на Индексот што беа пред неа, таа го дели 84. место со уште шест други земји. Во извештајот во 2025 земјава беше 88. Најдобар резултат последнава деценија имаше во Индексот објавен во 2024 кога со 42 поени Македонија беше 76 на листата.
На годинашнава листа, ист број поени, 40, имаат Бугарија и Унгарија, кои бележат пад во рангирањето.
„Ова укажува дека нема суштински напредок во борбата против корупцијата. Земјата повторно покажува константа — почетна точка од која реформи треба да тргнат кон подобрување. Формално, Македонија оваа година е позиционирана четири места повисоко (84. позиција), што укажува дека лани имала подобри резултати од уште четири други држави, а не дека е постигнат вистински напредок“, посочуваат од „Транспаренси Интернешенел – Македонија“.
Клучните системски проблеми остануваат: неуспешните и недовршени реформи во судството и обвинителството, кои и понатаму не обезбедуваат ефикасен, независен и одговорен правосуден систем. Дополнителен удар врз довербата беше и случајот поврзан со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, што сериозно го наруши кредибилитетот на институциите задолжени за борба против корупцијата.
Загрижува и нетранспарентниот процес на изготвување на измените на Кривичниот законик, како и самата содржина на измените, кои не само што не ја зајакнаа антикорупциската рамка, туку ја ослабнаа во одредени делови. Исто така, и понатаму не се донесени новиот Закон за укажувачи, ниту измените на Законот за спречување на корупција и судир на интереси — два клучни закони за ефикасна борба против корупцијата.
„Овие резултати испраќаат јасна порака: без вистинска политичка волја, транспарентни процеси и отчетни институции, Северна Македонија ќе остане заглавена во стагнација. Борбата против корупцијата мора да стане врвен државен приоритет, а не само декларативна заложба“, велат од ТИ-Македонија.
Другите држави во регионот исто така бележат пад во борбата против корупцијата. Албанија е на 91. место со 39 поени, а Србија дури на 116. со 33 поени. Иако Косово е над Македонија на листата, на 76. место, и тоа бележи пад во борбата со корупцијата, има 43 поени. Црна Гора, како и Македонија, нема промени во поените – 46, но е на 65 место. Босна и Херцеговина е на 109. место со 34 поени.
Овие податоци укажуваат дека борбата против корупцијата стагнира во целиот регион, а пури и во Словенија и во Унгарија. Дури и земјата која е прва на овој Индекс, со најамал корупција, Данска, бележи пад за еден поен во однос на 2024. Сега има 89 поени од 100. Втора е Финска, трет Сингапур, четврт Нов Зеланд.
Источна Европа и Централна Азија остануваат едни од регионите со најниски резултати во светот, со широко распространета неказнивост за корупција, водена од лични интереси кои доминираат во повеќето влади и нивните институции.
Западноевропските земји сочинуваат девет од десетте земји на глобално ниво во Индексот за перцепција на корупцијата. Сепак, напорите против корупцијата во голема мера се забавени во последниве години, при што просечниот резултат во регионот опаѓа побрзо од кој било друг.