Исплатата на социјална помош за неподвижни и дементни лица „заглави“ меѓу банките и МТСП

Во банките им велат дека за да се овозможи исплатата на средствата за туѓа нега, лицето треба физички да биде присутно, што не е можно


Социјалната помош која што се исплаќа на лица на кои им е потребна туѓа нега, а кои се врзани за постела или се дементни, „заглави“ меѓу банкарските процедури, кои бараат лично присуство и документацијата од Министерството за труд и социјална политика, за која велат дека е комплетна. 

Граѓани се жалат дека не можат да ги остварат правата за добивање социјална помош за лица кои што се социјално загрозени, односно добиваат додаток за туѓа помош, а се неподвижни или се со деменција. Во банките им велат дека за да се овозможи исплатата на средствата од ваква помош, лицето треба физички да биде присутно, иако тоа практично е невозможно.

„Цел ден се убедував во експозитура на банка за да им докажам дека мајка ми е стара и тешко се движи, како и дека дури и да успеам да ја донесам, нема да биде од полза бидејќи е дементна“, се пожали една скопјанка, која треба да подигне од банката средства за туѓа нега.

Вели дека од банката и излегле во пресрет, но побарале да ја слушнат по телефон, иако, како што посочиле, тоа не било целосно со нивните процедури. По долги перипетии, сепак, правото било остварено.

Дека ова не е осамен случај, покажа и прес-конференцијата која денеска се одржа во Министерството за труд и социјална политика која беше посветена токму на средствата за социјално загрозените граѓани.

„Споменавте дека е зголемен опфатот за приматели на социјална помош, меѓутоа што е со лицата досегашни приматели за нега на туѓо лице кои се законски овластени и треба само да го продолжат правото. Сега со банката со која што соработуваат, од оваа година сменети се условите и не можат да го продолжат правото бидејќи бараат лицето физички да се појави на лице место. Станува збор за лица со деменција, врзани во кревет што не можат физички да бидат присутни“, беше новинарското прашање до министерката Јованка Тренчевска.

Граѓаните се жалат дека неколку месеци се играат, од банката им велат да одат во Министерство за труд, бидејќи не биле комплетирани документите, од таму ги препраќаат во банката и велат дека документите се комплетни, треба банката да најде начин…

До пред неколку години, банката имала тим кој што оди лично, за одреден надоместок, да види дека лицето е физички неподвижно, и врзано за кревет. Сега од оваа година тоа право е укинато.


Граѓаните се во недоумица што да направат и бараат помош од институциите, бидејќи, како што велат не поминува и изјава на нотар, а станува збор за смешна сума од 4.200 денари.

„Секако дека на секое лице кое што е неподвижно, со деменција, ќе му излеземе во пресрет“, изјави министерката Тренчевска. Таа посочи дека потребна е потврда од лекар дека лицето е неподвижно, но додаде дека ќе ги разгледа забелешките, препорачувајќи да се пријавуваат сите овие случаи во Министерство за труд и социјална политика.


„Ќе разговараме со банките, соработуваме со голем број на банки, затоа што преку банките ја исплаќаме и социјалната помош, правата од социјална и детска заштита, како и пензиите, така што со асоцијацијата на банки ќе разговараме за овој проблем и ќе го решиме за сите оние граѓани кои што не можат да отидат во банка, се дементни, или не се подвижни“, рече Тренчевска.

„Секако дека граѓаните ќе можат да си ги остварат своите права, односно да си ги подигнат парите од социјалната помош и детската заштита во банките“, додаде таа. 

Инаку, на денешната прес конференција министерката Тренчевска информираше дека за социјални услуги следната година се обезбедени 5,5 милиони евра повеќе од 2022 година, односно вкупно 7,8 милиони евра.

Таа посочи дека во моментов има околу 36 илјади домаќинства приматели на гарантирана минимална помош, 30.082 деца опфатени со образован додаток, 47.114 деца опфатени со правото за детски додаток, согласно последната исплата во декември 2022 година.

Како што напомена, донесен е Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, со кој се обезбедува по 3.000 денари месечно, или вкупно 12 илјади денари за четири месеци, за секој корисник на правото на надоместок заради попреченост, корисник на правото на социјална сигурност за стари лица, корисник на правото за надоместок за помош и нега за трајните корисници на ова право, лицата кои се самохрани родители, а се корисници на гарантирана минимална помош и децата со попреченост корисници на посебен додаток.

Тренчевска посочи дека е проширен опфатот и пристапот до социјалните услуги за граѓаните, помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, згрижување во друго семејство, центри за поддршка на згрижувачки семејства, услуги во центрите за дневен престој.

„Грижата за лицата со попреченост е високо на агендата на Министерството. Посветено работиме на зајакнување на инклузивност и финансиска состојба на корисници на правото на посебен додаток. Со измените на Законот за детска заштита го зголемивме износот на посебниот додаток за 15 проценти за сите три подвидови на корисници, за кое зголемување во предлог буџетот за 2023 година се предвидени близу шест милиони денари месечно, за околу 6.500 корисници на правото на посебен додаток“, рече Тренчевска.