Исмаил Кадаре. Тука смртта не може ништо!

Неговите книги се совршен доказ за едно од најубавите балкански преданија: Окован во тело, духот растеше како цвет во камен


 

Јордан Плевнеш

Исмаил Кадаре, кој стана бесмртен уште со неговиот прв роман „Генералот на мртвата војска“, вчера, 30 јуни, 2024 година, замина од Тирана директно во Вечноста, каде што ќе биде пречекан од Есхил, преку Данте, до Казанѕакис, Меша Селимовиќ, Јашар Кемал… и цела плејада од улицата на светската литература, ја прослави албанската и балканската литература по сите меридијани. Неговите книги се совршен доказ за едно од најубавите балкански преданија: Окован во тело, духот растеше како цвет во камен.

Тие цветови во камен, низ книгите од Кадаре, сега цутат по сите континенти. Имав чест да го запознам уште од почетокот на мојата париска одисеја, бидејќи ни приредија големо изненaдување, и мене и на мојата сопруга Лилјана, кога се појавија со неговата сопруга Елена на светската премиера на мојата драма „Р“, на отворањето на парискиот театар „Силвија Монфор“ во јуни 1993 година.

Во француската јавност тоа беше голем чин, легендарниот албански писател да биде на премиерата на младиот македонски автор кој ја започнуваше својата интернационална кариера.

Во овациите за драмата, се придружија и овациите за неговото присуство.

Во поминатите три децении имавме голем број средби на различни помоции и изложби во Париз, што Данте го нарекува „Униврзална татковина на Духот“, но нашето омилено место беше атељето на големиот балкански сликар Омер Калеши, кого го нарекувавме заедно во монографиите што ги напишавме за него: Целиот Балкан во еден човек.

За ретката дисциплина „балканофилија“, што знаеше дека ја остварувам со презентацијата на културите на балканските земји во Париз, Берлин и Вашингтон, при нашата последна средба на Кејот на букинистите покрај Сена, ми рече: „Јордан, само кога ќе те видам тебе мислам дека Балканот има некаква смисла“.

Јас му одговорив дека поубав комплимент за моите илузии не сум слушнал.

Исмаил Кадаре. Тука смртта не може ништо!