Иселувањето на Турците беше смислена политика: Интервју со историчарот Салим Керими

Од 1953 почна масовното иселување на муслминаското население од Македонија. Од 250 илјади луѓе кои заминаа во Турција 120 илјади беа Турци. Зошто дојде до тоа?


 

Годинава се навршуваат 70 години од почетокот на масовното иселување на Турците и другото муслиманско население (Албанци, Торбеши и Бошњаци) од ФНР Југославија, а во тие рамки и од НР Македонија во а Турција. Во разговорот со Салим Кадри Керими, историчар и кариерен дипломат во пензија, тој објаснува како дојде до овој егзодус и што беа причините за него.

Г-дине Керими, објавивте две книги: „Иселувањето на Турците од Македонија во Турција по Втората светска војна“ и „Судбината на организацијата Јуџел – судскиот процес против јуџелџиите“. Зошто се посветивте на истражување на овие два настани?

Додека вршев истражувања во повеќе архиви во Скопје, Белград и Тирана дојдов и до сознание дека еден од главните мотиви за енормното наврапито иселување на турското население од НР Македонија во Турција е монтираниот судски процес против членовите на организацијата „Јуџел“, односно драконските казни што им биле изречени на најголемиот дел на нејзините членови и симпатизери. Четворица челници на „Јуџел“ добија смртни казни и тие беа извршени. Тоа беше пред 75 години, во 1948. Влијанието на овој процес против „јуџелиите“ беше огромно за иселувањето на Турците. Тоа започна по постигнувањето (во јануари 1953) на тн. „Џентлеменски договор“ меѓу претседателот на ФНР Југославија Јосип Броз Тито и тогашниот министер за надворешни работи на Турција, Фуад Кеприли.

Според моите истражувања, маргиналната положба на Турците од Македонија, карактеристична и во периодот по осамостојувањето до денес, е резултат/последица токму на тоа поттикнато масовно иселување на турското население од Македонија во Турција. Како граѓанин на оваа земја, како историчар и како припадник на турската заедница на Македонија се зафатив за истражувачка работа за дорасветлување на овие трагични настани.

 

Има многу трудови, не само од регионални, туку и од европски автори за овие настани. Што има ново во вашите истражувања?

Мојата книга за судбината на организацијата „Јуџел“ е прв научно-истражувачки труд на македонски јазик. Во неа, покрај другото, во интегрална форма е пренесена содржината на судскиот процес на првата група 17 „јуџелџии“; анализирана е улогата на одделни личности во кампањата за искривување на вистината за „Јуџел“; се објаснува улогата на медиумите на Македонија, Србија, Хрватска, Албанија и Бугарија, во кампањата против лицата од првата група на притворените и осудени „јуџелџии“; анализирани се југословенско-советските, југословенско-турските и турско-советските односи, во периодот напосредно по Втората светска војна, како и односот на тогашните раководители на Турција во врска со „Јуџел“.

Колку што ми е познато, во Македонија во минатото за иселувањето на Турците и другото муслиманско население е напишана само една книга и тоа на албански јазик. Авторот на оваа книга – историчарот Ќерим Лита, во оваа книга главно го третира само иселувањето на албанското население, и, за жал, во врска со Турците во Македонија и за иселувањето на ова население има изнесено повеќе неточни и погрешни информации и заклучоци. На македонски јазик, пак, во минатото различни текстови на оваа тема објавијале Анета Светиева, Виолета Ачковска, Борче Илиевски, Тодор Чепреганов, Стојан Киселиновски, Михајло Миновски, и уште неколку други автори. Со исклучок на Анета Светиева, другите македонски автори во нивните написи, за жал, или не успеале или пак одбегнале до крај да разоткријат што всушност се случило во 50-тите и 60-тите години на 20. век. Турските историчари, писатели и новинари од Македонија, во минатото не му посветиле доволно внимание на наведеното прашање. Со исклучок на две книги на историчарот Абдулмеџид Нуредин, во кои се третирани само одделни аспекти на наведеното прашање, речиси ништо друго не е напишано во врска со истото прашање. Пред неколку години, Сабина Пачариз од Македонија, објави мошне содржајна книга, на англиски јазик, во која е третирано само иселувањето на муслиманското население од Санџак.

Важноста на мојата книга се состои во тоа што, откако направив опсежно истражување, проблемот го третирав во целина, ставајќи притоа посебен акцент на иселувањето на Турците.

 

Вашите книги ги пишувате на македонски, а не на вашиот мајчин јазик – турски. Зошто?

 Книгите ги пишувам на македонски јазик за да можат да ги прочитаат и оние кои не го познаваат турскиот јазик. Друга не помалку важна причина е очекувањето моите сознанија и гледишта во врска со овие важни прашања, пред сé, за нас, македонските Турци, да ги осознаат и релевантните институции и личности во Македонија. Книгите се достапни во повеќе библиотеки во Скопје и други градови во земјата и странство.

 

Во книгата за иселувањето на Турците од Македонија тврдите дека иселувањето на 250 илјади граѓани на тогашна НР/СР Македонија (од кои 120 илјади биле Турци), не бил природен процес, туку политички поттикнат за да сен намали влијанието на турскиот елемент во Македонија. Дали тоа било реакција на петвековното владеење на Отоманската империја на овие простори?

Беше создадена „соодветна/поволна атмосфера“ за напуштање на своите вековни огништа на околу 400 илјади муслимани од Југославија и нивно иселување во Турција. Според моите истражувања, југословенската страна го злоупотребила постигнатиот договор со Турција од 1953 година за да се обиде да се ослободи од турското и муслиманското население, кое потајно било третирано како непосакувано.

Денес, 70 години по овие настани, сé уште ниедна од релевантните македонски институции не најде за сходно да разоткрие што всушност точно се случи во 50-тите и 60-тите години на минатиот век. Зошто околу 250 илјади лојални граѓани на земјата беа речиси приморани, без никаква објективна причина, да ги напуштат своите огништа и да заминат во непознато. Сите овие години е присутна тенденцијата на премолчување на вистината и минимизирање на штетите и последиците од масовното иселување.

 

За процесот против членовите на организацијата „Јуџел“ речиси ништо не се знае во јавноста. Што откривте вие?

И покрај неможноста за истражување на оригиналната архивска документација во врска со овој судски процес, врз основа на сестраната анализа на тогашните состојби на домашен и меѓународен план, дојдов до заклучок дека обвиненијата со кои се товареле „јуџелиите“ во најголем дел биле измислени и исконструирани, со цел за „дисциплинирање“ на турските интелектуалци и на турското население во целина. „Јуџелиите“ биле конзервативци и антикомунисти, но не и шовинисти, а најмалку терористи и шпиони. Според голем број факти и сведоштва, „јуџелиите“ биле борци за национални, социјални, економски, верски и други права, што им биле загарантирани на сите граѓани на Југославија со тогашните закони.

Мислам дека треба да имаме поинаков однос кон четворицата егзекутирани и пред надлежните институции на Македонија да поднесеме барање за нивна постхумна рехабилитација, за откривање на местото каде што се тие погребани и да се добие дозвола за нивно повторно погребување во соодветна локација на муслиманските гробишта во Бутел. Се надевам дека Собранието ќе смогне сили и ќе усвои декларација во која би се изразило жалење за нанесената неправда. (Н.В.)