Ирска го ограничува затоплувањето на јавните простории, ги затвора празните канцеларии


 

Ирска во рамки на мерките за заштеда на енергија ќе го намали греењето во јавните згради и ќе ги повика вработените во јавниот сектор да работат во канцеларии на ист кат, соопшти министерот за енергетика Имон Рајан.

Согласно владините мерки за штедење. сите јавни згради, со исклучок на социјалните институции како што се болниците, ќе се затоплуваат најмногу до 19 степени Целзиусови, а ќе се реши проблемот со непотребното загревање на просториите во кои престојуваат мал број луѓе, изјави Рајан по состанокот на потесниот кабинет на ирската Влада.

Слични мерки минатата седмица воведе Германија.

„Мораме да ја намалиме потрошувачката за да заштедиме. Тоа е многу практично, а прв ќе се вклучи јавниот сектор. Не се работи за недостиг, но мораме да внимаваме како ги загреваме просторите во кои живееме“, изјави Рајан за националната мрежа „Ер-Те-Е“.

Трошоците за енергија во Ирска и поголемиот дел од Европа се зголемија откако Русија ја нападна Украина во февруари, делумно поради рускиот одговор на западните санкции.

Рајан рече дека мерките што вклучуваат охрабрување на потрошувачите да избегнуваат перење алишта и садови помеѓу 17 и 19 часот кога струјата е најскапа, се насочени кон зачувување на малите залихи што ги поседува Ирска, како и на намалување на сметките.

Владата има намера да обезбеди финансиска помош за потрошувачите и бизнисите како дел од буџетот што треба да биде донесен на 27 септември.