ИРЛ: И почесниот конзул на Македонија во Косово дел од мрежата на Кушнер


Полуостровот Звернец каде што Џаред Кушнер сака да го гради луксузното одморалиште. Таму е веќе изграден пат долг 7 километри од чакал во заштитетното подрачје (Фото: Ројтерс)
Името на Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, со месеци предизвикува масовни протести и т.н. Фламинго револуција во Албанија. Но, покрај планираните луксузни туристички проекти на неговиот фонд „Affinity Partners“ во Албанија, Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) од Скопје и медиумската организација „Штег“ од Тирана открија прикриена меѓународна мрежа за финансирање на изградбата на новиот аеродром кај Валона во која улога имал и македонски почесен конзул во Косово.
 
Истражувањето открива дека „SEI Investments Company“ — фирмата што го води сметководството на приватните фондови на Кушнер, поддржани од Саудиска Арабија — се појавува како инвеститор во кредитна линија без транспарентна структура во износ од 100 милиони евра за изградба на аеродромот во Валона. Парите се пласирани преку сложен триаголник од новоосновани приватни фондови во Малта и Луксембург, што оневозможува да се откријат вистинските сопственици.
 
Скандaлот добива силна регионална димензија бидејќи една од двете фирми што го градат аеродромот му припаѓа на Валон Адеми, почесен конзул на Македонија во Гњилане, Косово. Адеми ја добил оваа дипломатска функција од македонската Влада и покрај тоа што претходно бил разрешен од Албанија, имал пријави во косовската полиција за закани, а негови семејни фирми биле поврзувани со тендерски нерегуларности.
 
Додека албанското Специјално обвинителство (СПАК) веќе поднесе обвиненија за местење на меѓународниот тендер за аеродромот, истражувањето на ИРЛ за првпат открива врска меѓу финансирањето на аеродромот, фирми поврзани со фондовите на зетот на Трамп и матни балкански политички и бизнис кругови.