Ирена Јовева ја доби наградата „Светилник“ во Белград за поддршката на студентските протести


 

Пратеничката на Европскиот парламент со македонско потекло Ирена Јовева вечерва во Белград изјави дека ја посветува наградата „Светилник“, чиј лауреат е таа, на сите оние кои разбираат дека студентските и граѓанските протести во Србија се дел од универзална борба.

„Оваа награда им припаѓа на сите кои разбираат дека ова е универзална борба. За жал, живееме во луд свет, но верувам дека ќе победи доброто. Гледам светлина на крајот од тунелот, гледам пат кон слободата. Таа светлина се студентите и граѓаните на Србија кои се борат за нешто што треба да биде нормално, а не е“, рече Јовева при доделувањето на наградата, која ја доделува Белградскиот центар за безбедносна политика.

На церемонијата на доделување на наградите, одржана на крајот од првиот ден од Белградската безбедносна конференција, Јовева исто така рече дека „ѝ е исклучително тешко да прифати дека нема правда, не само во Србија, туку и во светот“.

„Но, има луѓе кои ќе се борат. Јас ќе се борам до последниот ден бидејќи знам колку е важно. Сакам мојата ќерка да живее во подобар свет, затоа го правам сето ова. Верувам во доброто, верувам во правдата и знам дека оваа борба не е залудна“, рече Јовева, словенечки европратеник од либералната група Обнови ја Европа.

Директорот на БЦБП, Игор Бандовиќ, на церемонијата рече дека Јовева е меѓу ретките кои инсистирале гласот на младите и граѓаните на Србија да се слушне во Брисел, кога протестите не биле во фокусот на европските институции.

Белградскиот центар за безбедносна политика претходно објави дека ѝ ја доделил наградата „Светилник“ на Јовева за 2025 година, поради нејзината упорна, храбра и принципиелна борба за демократија и правда, како во Европскиот парламент, така и во поширокиот јавен простор.

„Јовева е еден од ретките европски гласови кои јасно и доследно го привлекоа вниманието на институциите на Европската унија кон протестите во Србија, кон борбата на студентите и граѓаните за правда, слобода и достоинство“, наведува БЦБП во образложението.

Наградата „Светилник“ се доделува од 2023 година на поединци кои покажале исклучителна храброст, интегритет и посветеност на јавното добро. Претходни добитници се Катарина Петровиќ (2024) и Александар Обрадовиќ (2023).