Инженери бараат да се гради „Козјак Запад“ место „Чебрен“

Инженери на Македонија, чекајќи ги резултатите што ги има изготвено или ќе ги изготви работната група за енергетика формирана од Министерството за енергетика, упати апел на некој од наредните состаноци групата да ги разгледа и спореди предностите и недостатоците на две големи енергетски решенија – изградба на реверзибилна хидроелектрана „Козјак Запад“ и
изградба на пумпно-акумулациона хидроелектрана „Голем Чебрен“.
-Нашите компаративни анализи покажуваат дека проектот „Козјак Запад“ нуди значајни предности. Проектот „Козјак Запад“ користи постоечко природно вдлабнување на теренот за создавање на горен резервоар со преместување вода од езерото Козјак, кое служи како долен резервоар. Така се минимизира потребата за големи градежни интервенции и се намалуваат вкупните трошоци на проектот.
„Козјак Запад“ обезбедува складиран капацитет од приближно 90 GWh, што е 22,5 пати повеќе од капацитетот на „Чебрен“, кој обезбедува околу 4 GWh. Инсталираната моќност на „Козјак Запад“ може да надмине 1000 MW, додека „Чебрен“ е проектиран на 333 MW.
Вкупната цена за изградба на „Козјак Запад“ е значително пониска бидејќи проектот главно подразбира инсталација на турбини, цевководи и постројки, без изградба на големи бетонски брани. Цената на инсталираниот складиран капацитет кај „Чебрен“ е приближно пет пати повисока од онаа кај „Козјак Запад“, што е клучен економски параметар за избор на најисплатливо решение.
Животниот век на „Козјак Запад“ се проценува на над 100 години со минимално одржување, за разлика од „Чебрен“, каде што поради обемните градежни структури се очекува посложено и поскапо редовно и вонредно одржување, посочуваат од Инженери на Македонија.
Како би изгледала оваа реверзибилна хидроелектрана е прикажано на видео анимацијата подолу.
„Чебрен“ бара изградба на 190 метри висока бетонска брана и други масивни инфраструктурни зафати, додека „Козјак Запад“ максимално го искористува природниот терен, без потреба од нови брани. Ова ја намалува техничката сложеност и го минимизира ризикот од доцнења и дополнителни трошоци.
Според нив, времето за изградба на „Чебрен“ е проценето на 8 до 10 години, додека проектот „Козјак Запад“ може да биде завршен за 3 до 5 години, што овозможува побрзо зајакнување на енергетската сигурност на државата.
-Што се однесува до влијанието врз животната средина, проектот „Голем Чебрен“ има значително поголемо влијание поради потребата за масивни градежни интервенции во природното опкружување. Напротив, „Козјак Запад“ има минимално влијание и овозможува ефикасно искористување на природните ресурси.
Дополнително, „Чебрен“ зависи од протокот на Црна Река, што создава дополнителни ризици и ограничувања, додека „Козјак Запад“ функционира како затворен систем со постоечки долен резервоар — езерото Козјак — без значајна зависност од надворешни водни текови.
Клучен стратешки елемент е фактот што „Козјак Запад“ може да обезбеди складирање на електрична енергија доволно за 100% покриеност со обновливи извори на енергија (ОИЕ), додека „Чебрен“ би покрил само околу 20% од потребите. Ова е од суштинско значење за целосна зелена транзиција.
Вкупната цена за реализација на проектот „Козјак Запад“ се проценува на нешто помалку од една милијарда евра, додека „Чебрен“ чини околу една милијарда евра. Тоа остава простор за паралелни инвестиции во фотонапонски и ветерни електрани, за создавање силна и одржлива енергетска основа за иднината. Не помалку важно, локацијата за „Козјак Запад“ е идентификувана врз основа на Атласот на локации за реверзибилни хидроелектрани изработен од Австралискиот национален универзитет, што дополнително ја потврдува стручноста и квалитетот на селекцијата.
Очекуваме Работната група за енергетика да го препознае потенцијалот на проектот „Козјак Запад“ и да поддржи решение кое е поекономично, побезбедно, побрзо за реализација и со минимално влијание врз животната средина, порачуваат тие.