Инзаги: За 2,5 години освоивме пет трофеи и игравме во финалето на Лигата на шампионите


Тренерот на Интер, Симоне Инзаги го пофали својот тим по синоќешната победа над Аталанта, потенцирајќи ги успесите во последните години.

– Ја победивме Аталанта и уште еднаш покажавме дека сме во форма. Тимот игра добро и тоа не може да се негира. Играме добро веќе две и пол години. Освоивме пет трофеи, игравме финале во Лигата на шампионите, а во тековната сезона имаме солидно водство на првото место. Знаеме дека во јануари бевме блиску со Јувентус. Ја зголемивме разликата за еден месец, но може повторно да се изгуби во истиот временски период. Не е ништо готово. Треба да останеме на вистинскиот пат, изјави Инзаги.

Интер беше шампион на Италија во сезоната 2020/21, го освои Купот на Италија во 2022 и 2023 година и Суперкупот на Италија истите години.

Во тековната сезона „Нероазурите“ се лидери на табелата во Серија А со 69 бода по 26 одиграни кола.