„Инвеститорски ден“: На Берзата склучени 339 трансакции, најмногу од јуни


На денешниот „Инвеститорски ден“ на Берзата склучени се вкупно 339 трансакции што е најголем број од јуни до денеска.

– Вториот најголем број на трансакции на дневно ниво во овој период е 169, а просечниот дневен број на трансакции изнесува 62 трансакции, соопшти Македонската берза.

Вкупниот промет од тргување во БЕСТ системот денеска надминал милион евра, односно изнесува повеќе од 63 милиони денари, што е пораст од четири пати во споредба со просечниот дневен промет во БЕСТ во последниот квартал кој изнесува 15,3 милиони денари и е прв најголем промет на Берзата во овој период во класичното тргување. Воедно, денеска во БЕСТ системот на Берзата се внесени вкупно 620 налози за тргување, што е втор најголем број на внесени налози во текот на оваа година.

– Дополнително, податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност покажуваат голем пораст на бројот на новоотворени сметки за хартии од вредност по најавата за одржување на „Инвеститорскиот ден“, односно за една седмица се отворени над 50 сметки во ЦДХВ, што значи дека тоа се инвеститори кои никогаш претходно не тргувале на Берзата. За споредба, просечниот број на новоотворени сметки во ЦДХВ последниот квартал изнесува 73 сметки месечно. Сите овие показатели потврдуваат дека иницијативата „Инвеститорски ден“, на кој домашните физички лица имаа можност да тргуваат со акции на сите пазарни сегменти без да ги платат провизиите кон Берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи), во износ на промет до 10.000 евра, е моќна алатка за промоција на инвестирањето во македонски акции и затоа овој настан ќе стане традиција на македонскиот пазар на хартии од вредност, велат од Берзата.

„Инвеститорскиот ден“ го иницираше Берзата по повод одбележувањето на 25 години од нејзиното основачко собрание, а иницијативата ја прифатија ЦДХВ и осум членки на Берзата и ЦДХВ (Еурохаус, Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка Скопје, ТТК Банка, Фершпед брокер и Шпаркасе Банка Македонија). Иницијативата доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.