Интервју со Петре Шилегов: Скопје мора да продолжи напред


Скопјани отсекогаш имале развиено чувство за квалитетен живот за сите оние кои тука го изградиле својот дом и затоа Скопје ќе продолжи напред, по зацртаниот пат од пред четири години, вели во разговорот за „Независен“ градоначалникот Петре Шилегов. Тој е убеден дека граѓаните имаат донесено одлука да ја поддржат визијата што ја застапува тој.

 

Кандидатот на ЛДП и ДОМ, Бени Шакири, практично ја подржа Арсовска. На чии гласови ќе сметате во вториот круг за да бидете победник на крај?

Во пресрет на вториот круг им се обратив на сите гласачи кои прават разлика. Секој глас е важен и секој глас е добредојден. Граѓаните во вториот круг имаат само две опции. Изборот е едноставен. Скопје може да продолжи напред, по патот кој во изминативе четири години го зацртавме заедно со граѓаните или заедно со државата да се врати многу чекори наназад кон мрачното минато на режимот на Груевски сокриен зад Данела Арсовска, кон криминалниот проект „Скопје 2014“, кон тепањето на студенти, кон малтретирањето на сите кои размислуваат различно од нив. Длабоко сум убеден дека мнозинството од граѓаните на Скопје прават разлика и веќе имаат донесено одлука да ја подржат нашата опција, заради тоа што делиме иста визија за Скопје, имаме иста заедничка цел – Скопје мора да продолжи напред!

 

Премиерот својата политичка иднина ја врза со вашата како градоначалник. Се согласувате ли дека Скопје е толку голем влог на овие избори?

Има нешто многу побитно од чија било политичка иднина, а тоа е иднината на граѓаните. Во ниту еден момент не смееме да заборавиме дека политичарите постојат за граѓаните, а не обратно. Гласот на граѓаните одлучува за тоа во која насока ќе се движи градот, дали ќе реконструираме училишта, ќе градиме мостови, велосипедски патеки, паркови на местата на некогашните депонии или можеби жални врби, галии, стиропорни фасади, споменици од камен и бронза кои ќе служат за криминалните интереси на истите луѓе кои го обезличуваа Скопје до пред само четири години. Скопје не е вмровски град, Скопје е град на сите негови граѓани без разлика на вера, нација, политичка или друга определба.

 

На кои правци, ако добиете нов мандат, ќе се фокусирате во наредниот период? Кои, според вас, ќе бидат најголемите предизвици?

Скопјани отсекогаш имале развиено чувство за квалитетен живот за сите оние кои тука го изградиле својот дом. Продолжуваме да градиме нови мостови, нови паркови, нови булевари, универзални сали и летни сцени, велопатеки и тротоари. Скопје мора да биде паметен град, град без шалтери, енергетски ефикасен, зелен и чист, град со повеќе хуманизирани јавни простори, град со ефикасен јавен превоз и модерни сообраќајни решенија. Скопје мора да продолжи да се развива рамномерно, секаде подеднакво, без разлика дали живеете на север или на југ, на исток или на запад. За нас не постоеја важни и помалку важни населби, важни и помалку важни соседи, сограѓани. Секој од нас е подеднакво важен и секој од нас има право на убав и квалитетен живот во својот град. Затоа Скопје, градот убав, градот на хуманоста и солидарноста заслужува да продолжи по вистинскиот пат, патот на развојот и напредокот на светските метрополи, за доброто на сите сегашни и идни генерации. (Б.Б.)