Интервју со Катица Јанева: Пак ќе конкурирам за челната позиција на СЈО

Фото: Б.Грданоски

Пред неколку години, за новинарите и за јавноста името Катица Јанева беше непознато. Од непозната јавна обвинителка, која водела предмети во судот во Гевгелија, Јанева се фати во костец со најмоќните луѓе од поранешната власт. Засега тие не се во затвор, а Јанева и институцијата што ја води се на тест дали ја остварија целта за која беа формирани – да донесат правда и да ги изложат на судски постапки корумпираните  функционери од претходната власт. Во интервју за „Независен весник“, Јанева зборува за новиот предлог-закон за јавно обвинителство, за процесите против поранешниот премиер Никола Груевски и дали некој ќе се спаси од истрагите на СЈО.

Обвинителке, во моментов најактуелни се разговорите што ги водат политичките партии за законот за јавно обвинителство, а најспорна точка во овој закон е статусот на Специјалното јавно обвинителство. Што очекувате од нив и дали сте информирана за текот на разговорите?

-Во суштина, сметам дека би требало сите политички партии да го поддржат предлог-законот како што е изготвен од работната група и Министерството за правда, во чии подготовки учествувавме и ние. Анализирајќи ги амандманите поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, сметаме дека и претходно се прифатени сите позитивни работи и дека законот за јавно обвинителство се заснова врз сите конвенции што ги има потпишано Македонија, особено конвенциите што ги потенцира ВМРО-ДПМНЕ. Овие конвенции може да ги поделиме на три дела. Првиот дел се однесува на упатствата или на задолжителните правци како треба да се однесува јавниот обвинител и каков треба да биде неговиот интегритет. Во суштина, тоа е етички кодекс кој уште во 2014 година е донесен од страна на Јавното обвинителство на Македонија и стои во секое обвинителство. Вториот дел од барањата на ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на Законот за кривична постапка и не може да бидат имплементирани во законот за јавно обвинителство бидејќи се знае што може да се регулира со закон за јавно обвинителство. Тој закон е од организациска природа, а прашањето за доказите се регулира со други закони, особено со Законот за кривична постапка. Во третата група се всушност препораки, декларации, конвенции што се потпишани и врз основа на кои се заснова законот за јавно обвинителство. Тоа значи дека законот е збир на сите принципи на кои и досега почивала јавнообвинителската организација.  Тоа се: принципите на независност, неутралност, ефикасност, ефективност и отчетност.

Дали со новиот закон се предвидува некаков вид амнестија?

-Не, напротив. Работната група што го изготвуваше овој закон посвети доволно внимание, долго време се работеше на тоа ниту еден предмет да не згасне на никаков законски начин, туку сите да имаат проодност во своето постапување. Дали тоа ќе биде Специјалното јавно обвинителство или Јавното обвинителство во конкретен предмет ќе се одлучува откако ќе се донесе законот, бидејќи сега тоа не е можно. Тоа ќе биде во надлежност на републичкиот јавен обвинител и на неговите одлуки, неоспорно и тврдам дека тие ќе бидат почитувани.

Опозицијата бара да запрат истрагите што се поднесени 18 месеци по преземањето на прислушуваните разговори. Дали е можно, доколку овие истраги бидат затворени, повторно да се отворат во редовното Јавно обвинителство?

-Ние презедовме некои предмети од редовното Јавно обвинителство и воспоставиме надлежност. Таа надлежност ја воспоставивме со Закон за специјално јавно обвинителство и нема причина истите предмети повторно да се отвораат во редовното Јавно обвинителство, кога ние ги работиме. Тоа е законски и не може поинаку да се толкува, да бидат запрени, па потоа повторно да се отворат. Тоа е само одолговлекување. Доказите во тие предмети постојат и застареноста е прекината на овој начин, бидејќи се преземени дејствија. Мора да напомнам дека има и предмети кои од ЈОРМ ќе преминат во наша надлежност, но за тоа ќе се одлучува откако ќе биде донесен законот и надлежноста за нив ќе ни припадне нам, а се отворени можеби во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција или во некои други обвинителства.

Опозицијата бараше Ваша смена. Очекувате ли партиите да Ве жртвуваат, за да се изгласа законот за јавно обвинителство?

-Јас ќе конкурирам доколку се изгласа новиот закон за јавно обвинителство, односно на конкурсот за избор на специјален јавен обвинител. На тоа имаат право сите обвинители што ги исполнуваат условите предвидени со предлог- законот. Сметам дека ги исполнувам условите и ќе поднесам документи. Нема да се откажам. Секако, јас не можам да влијаам врз изборот, тоа е работа на Советот на јавни обвинители.

Дали би прифатиле повлекување на обвинението за дел од обвинетите за да се изгласа законот, ако се има предвид дека дел од актуелните пратеници се обвинети во Ваши случаи, а од друга страна се очекува нивната поддршка за законот?

-Се надевам дека нема да дојде до тоа кој било правен механизам да биде употребен за некоја истрага да биде запрена на одреден начин, а да има докази за обвинение. Инаку, нормално, ако за некое лице нема прибрано докази или разговори, тогаш и ние лично би ја запреле постапката.

Мицкоски Ве обвини дека Ваш близок роднина е дел од менаџментот на една телевизија и дека тој ја користи позицијата во комуникација со свои потенцијални спонзори.

-Јас мора да кажам дека лицето за кое станува збор е мој син и тој работи во една телевизија. Нема судир на интереси во тој дел, меѓу работното место на мојот син, кој работи како правник и под директива на своите претпоставени и мене, бидејќи сметам дека крајно професионално ја вршам мојата работа. Јас не живеам со мојот син и не сум запознаена со неговата работа. Дури и не можам да кажам дали тој е во контакт со некои спонзори, како што тврди Мицкоски. Не знам ни дали тоа е опис на неговите работни задачи.

Дел од предметите за кои беа покренати обвиненија во законскиот рок сè уште не се стигнати до пресуда. Зошто толку бавно одат судските процеси? На пример „шамарите во Центар“ беше првиот предмет кој влезе во судска процедура, а за кој уште нема пресуда?

-Предметите во судовите одат бавно. Ние многупати сме рекле дека не сме задоволни од текот на предметите. Одложувањата во најголем дел не се по вина на обвинителството, понекогаш не се ниту по вина на судот, бидејќи некои предмети се совпаѓаат во термините кога се судат. Во суштина, мислам дека еден дел од предметите, како што се „Насилство во Општина Центар“, „Триста“, „ТНТ“, до летните одмори ќе бидат завршени, ќе бидат донесени првостепени пресуди. Мислам дека тоа ќе биде голем успех како на обвинителството, така и на судството. Во овој период веќе се интензивирани судењата. Судиите ги насочуваат почесто предметите и задоволни сме од динамиката. Се надевам дека побргу ќе завршат и ќе имаме конечни пресуди по сите предмети. Има предмети каде што обемот на докази е голем и од тоа зависи и времетраењето на самата главна расправа.

Бегството на поранешниот премиер Никола Груевски беше најголем удар за довербата на оваа институција. Истрагата за неговото бегство сè уште трае, одговорност нема. Каде ја лоцирате одговорноста?

-По изрекувањето на пресудата, обвинителството нема ингеренции во делот на тоа како ќе се обезбедува одредено лице, додека не оди на издржување на казна. Ние неколкупати побаравме притвор за него, но судот не му определи. Тој беше обезбедуван со други мерки што ги почитуваше додека беше во Македонија. Не лоцирам никаква вина кај СЈО, кај мене, или кај моите помошници обвинители. Но, ние не завршивме со истражувањето на Никола Груевски во делот на имотната состојба. По сите изјави и фотографии што се објавуваат во јавноста, гледаме дека тој живее удобен живот во странска држава. Имаме намера, покрај финансиската истрага што како предистрага се води за Груевски, да побараме меѓународна помош и да видиме кои се изворите на пари од кои се издржува Никола Груевски во таа странска држава. Но, за тоа ни е потребно да се донесе законот за јавно обвинителство.

Каква финансиска истрага се води сега за Груевски?

-За Груевски има предмети во кои би требало тој од својот личен имот да плати трошоци и надомести на штета и други финансиски обврски во однос на предметите. СЈО, за да може во определен период да му замрзне дел од имотот, води финансиска истрага и тоа не само за Груевски, туку за секое лице кое е осомничено во СЈО. Како што знаете, тој подигнал од своите сметки околу 120.000 евра, друг имот знаеме што има. Сега сакаме да утврдиме од кои пари и кој го финансира неговиот престој во Будимпешта за да знаеме дали тие извори на пари се негови лични или на некои други фондови.

Врховниот суд, повикувајќи се на правното мислење, ги укина притворите за бизнисменот Орце Камчев и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков. Дали стравувате дека на крајот сите случаи ќе Ви паднат пред Врховен суд?

-Па, има време додека да стигнат нашите случаи до Врховен суд. Се надевам дека некои лица кои се судии сега веќе нема да бидат во Врховниот суд. Се надевам дека ќе имаме доволно аргументи и доволно докази, кога ќе ги анализираат предметите, судиите да увидат дека правилно сме постапиле и законски и дека ќе ги потврдат пресудите на првостепениот и второстепениот суд.

До каде е случајот „Империја“ и дали наскоро ќе има обвинение?

-Случајот „Империја“ има проширување во делот на други лица и други кривични дела. Се работи, тоа е обемна финансиска истрага. Не се чека новиот закон за јавно обвинителство, но во суштина не се ни поминати тие 18 месеци во кои треба да се поднесе обвинение. Моментално се селектираат доказите, се врши увид од страна на одбраната, тековно се води, како и сите други предмети, сите други истраги и предистраги.

Во образложението на СЈО до Врховен суд зошто се бара притвор за Мијалков, јавноста откри дека токму Мијалков му кажал на Камчев дека ќе биде уапсен. Има ли крт во СЈО?

-Ние не сме откриле дека има крт во СЈО, секогаш се надеваме дека нема. Но, секогаш не можеме да ја исклучиме таа можност. Будно следам и ги опоменувам, како моите обвинители така и другите вработени во СЈО кои може да бидат во допир со одредени доверливи информации дека треба да бидат професионални. Фактот дека Мијалков го известил Камчев дека ќе биде апсен произлезе од самата истрага. Тоа беше дел од исказот на еден од осомничените.

Ова обвинителство беше формирано за да го истражи масовното прислушување на илјадници граѓани, но овој предмет под име „Таргет – тврдина“ уште нема епилог. Ќе го докажете ли масовното прислушување, со оглед на тоа дека двајцата клучни обвинети, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, се во бегство?

-Тоа е еден од најкомплицираните предмети, а и подоцна влезе во судска процедура, затоа што двајца од обвинетите се во бегство. Се надевам дека набргу ќе бидат екстрадирани во Македонија и за нив ќе треба да се повтори целото судење. Сега им се суди во отсуство. Се надевам дека со подобрувањето на односите со нашиот јужен сосед, ќе се случи и нивна екстрадиција.

СЈО ја прекина практиката на транспарентност, веќе не организира прес- конференции на кои новинарите од сите медиуми поставуваа прашања. Дел од новите истраги ги објавивте на гостување на национална телевизија чиј сопственик можевме да го слушнеме во бомбите. Зошто не ја задржавте транспарентноста?

-И тоа е еден вид транспарентност. Не сме ја напуштиле транспарентноста, за секој предмет се одлучува посебно како ќе се соопшти во јавноста. Ќе продолжиме и во иднина со прес-конференции, но има моменти кога сме преоптоварени со работа, а самото одржување на прес-конференција бара обвинителите и другите вработени да потрошат дополнително време, за да се подготви. Понекогаш тоа не е можно поради самите предмети. Се одлучува што ќе биде најефективно за да биде пренесено во јавноста. Во идниот период се надевам дека ќе видите и други прес-конференции.

Обвинителите од редовното обвинителство постојано се жалат дека ги немаат парите, ниту ресурсите со кои располага СЈО.

-Со новиот закон останува нашиот буџет да го предлагаме самите и да не може врз тоа никој да влијае. Станува збор за меѓународни стандарди во оваа област. Сметам дека ресурсите и во Јавното обвинителство ќе бидат подобрени, има многу проекти во кои учествуваме и помагаме и ние, со цел јавните обвинителства да бидат поекипирани и да можат поефикасно да ги извршуваат задачите. Иако имаме поголем буџет, тоа не значи дека ја трошиме целата сума. Поголемиот дел од буџетот и претходно се користеше за вештачења, како и за други материјални трошоци неопходни за брзо и ефикасно завршување на истрагите за кои бевме ограничени со 18 месеци, имавме и други трошоци како тие за адаптирање на зградата во која сме сместени. Јас мислам дека сегашната влада има добар сенс за правосудството и за подобрување на интегритетот и независноста, не само на обвинителите, туку и на целата правосудна фела.

Во екот на политичката кампања за претседателските избори, дали имате политички амбиции?

-Немам политички амбиции. Еднаш кажав дека сакам да бидат градоначалник на Гевгелија, тоа не беше политичка амбиција, туку една граѓанска амбиција. Јас не сум многу политички едуцирана, ниту пак претендирам за такви позиции. Напротив, си ја сакам работата и сè уште мислам дека можам доволно да придонесам за спроведување на правдата.

Она што јавноста ја интересира е дали некој од поранешните функционери ќе заврши зад решетки. Дали ќе има ефективни затворски казни?

-Покрај тоа што мора да се почитуваат правата на судот, мора да се почитуваат и правата на обвинетите. Тие имаат право да бараат одложување на издржувањето на казната затвор. Како ќе одлучи судот, треба да почекаме.

Која е Вашата проценка? Веќе се правосилни пресудите за поранешната министерка Гордана Јанкулоска и бизнисменот Сеад Кочан?

-Мислам дека може да се очекува Сеад Кочан да отиде на издржување на казна затвор. Јанкулоска има право да ја одложува казната додека да порасне нејзиното дете. Исто така, има и првостепени пресуди за други лица, тие предмети ќе одат на Апелација. Тоа што се случуваше во однос на процедурите и постапките, нам ни беше предвидливо. Не ни беше предвидливо тоа што судот не ги одобри нашите барања за притворите, па така нашите предмети дојдоа во втор план, бидејќи приоритет имаат притворските предмети. Покрај нашето инсистирање, и одбраната има свои права пред судот и тоа е нормално.

Фросина Факова Серафиновиќ

Фото: Борис Грданоски