Интервју со Ангел Димитров: Секоја диплома треба да биде гаранција за минимум стекнати знаења

По урнек на развиените држави потребно е да се воведе кариерно насочување на младите завршени осмоодделенци и на средношколците. Видот на образование мора да одговара на нивото на знаење и афинитети, вели Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија и наш реномиран стопанственик, Ангел Димитров, во интервју за „Понуди за работа“
Мирче Јовановски
Како да се најде работно место кое ќе обезбеди солидни приходи и можност за напредување е основниот предизвик со кој се соочуваат младите луѓе кои излегуваат на пазарот на трудот, да го потврдат она за што учеле, но и да видат колку нивните знаења и вештини се вреднуваат. Од друга страна, и компаниите се животно заинтересирани за квалитетни кадри кои ќе го носат производство или услугите и ќе значат натамошен развој и напредок. „Понуди за работа“ ја има токму таа цел – да придонесе на најдобар можен начин да се спојат понудата и побарувачката на работна сила. Какви се состојбите на пазарот на трудот кај нас, што најмногу се цени, покрај квалификациите, при избирањето на кандидати за вработување, зошто компаниите често се жалат дека добиваат недоволно обучени кадри, како и од што зависи порастот на платите, но и за други важни економски теми кои го заокружуваат амбиентот на пазарот на трудот кај нас, разговараме со Претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија и наш реномиран стопанственик, Ангел Димитров.
Господине Димитров, каква е состојбата во фирмите во Македонија, дали полека ги надминуваат последиците од корона кризата?
Очигледно проблемите кои ги носи ковидот се уште негативно се одразуваат и кај здравствената и кај економската криза. Што се однесува до економијата таа полека закрепнува но „лузните“ што ги предизвика ковидот остануваат. Многу мал број сектори нормално функционираат и немаат намалување на економските активности. Поголемиот број од нив или имаат проблем со набавките-преку зголемување на цените или зголемени рокови за испорака или пак имаат проблеми со намалената потрошувачка и пад на нарачките.
Што е со вработените, дали имаше отпуштања и дали таквиот тренд е прекинат?
Најпрвин сакам да истакнам дека разните субвенции од страна на државата помогнаа бројот на работници кои останаа без работа да биде помал. Статистичките податоци покажуваат дека бројот на работната сила како збир на вработените и невработените во првиот квартал на 2021 година е помал за 23.300 работници, во однос на првиот квартал од 2020 година. Ако го споредиме бројот на вработени во 2021 во однос на 2020 година ќе видиме дека тој е намален за околу 18.000 вработени. Од овие 18.000 вработени нај големиот број од нив го изгубиле работното место поради ковид кризата. Од друга страна во истиот период бројот на невработени се намалил за 5.800 работници. Одговорот на ваквите нелогичности лежи во зголемување на бројот на неактивно население од 717.503 во првиот квартал на 2020 година на 741.600 работници во 2021 година. Причините за ваквото зголемување треба да се бараат во зголемувањето на лица кои активно не бараат работа, а се невработени и на оние кои се иселиле од државата ама нивното иселување не го пријавиле. Како и да е, намалувањето на бројот на вработени директно влијае на намалувањето на капацитетите на нашата економија за поголеми стапки на раст.
Општо е познато дека понудата и побарувачката на работна сила кај нас се во огромен расчекор
Каква е состојбата со пазарот на труд кај нас, колку понудата соодветствува со потребите на компаниите?
Општо е познато дека понудата и побарувачката на работна сила кај нас се во огромен расчекор. Причините треба да се бараат во системот на образование, но и во желбите и интересите на младите луѓе кои не кореспондираат со работните места кои ги нуди стопанството. Долги низ години образованието продуцира кадри кои не можат да се вработат во нашето стопанство, а стопанството се жали дека на пазарот на труд нема доволно квалификуван кадар за индустријата. Младите се запишуваат најчесто на факултет кој ниту е предмет на нивен интерес, ниту пак имаат намера да работат на работно место кое одговара на таа диплома. Идејата е да се заврши било какво образование, а иднината да ја гледаат во странство или во државната администрација. Овој проблем е најголемата пречка за побрз раст на нашата економија.
Една од забелешките на компаниите која што се провлекува со години е дека од процесот на образованието не добиваат доволно обучени кадри. Како да се надмине ваквата состојба?
По урнек на развиените држави потребно е да се воведе кариерно насочување на младите завршени осмоодделенци, но и на средношколците. Видот на образование мора да одговара на нивото на знаење и афинитетите на ученикот. Затоа е потребно уписот во средно училиште да одговара на афинитетот и знаењата на ученикот, а уписот на факултет мора да биде со приемен испит и нивото на стекнато образование од средното училиште. Сосема е погрешно некој да се образува за нешто што не го сака или нема способности, но исто така секоја издадена диплома треба да биде гаранција на минимум стекнати знаења.
Пораката до младите луѓе е сериозно да размислат пред да се запишат на средно училиште или факултет. Изборот треба да зависи од нивните афинитети и идејата што сакаат да работат во животот
Вработените пак, најмногу се жалат на висината на платите кај нас. Организацијата на работодавачи спроведува истражување за конкурентна плата. Што претставува тоа и како може да се зголемат платите кај нас со цел вработените да бидат позадоволни, а компаниите да не ја загубат конкурентноста на пазарот?
Секако дека основен мотив на секој вработен е поголема плата. Проблемот е кога остварената продуктивност и можностите за исплата на платата се пониски од очекувањата на работникот. Работниците денес ги знаат платите и во Македонија, и во Бугарија и во Англија и во Германија. Повисоките плати ги мотивираат да заминат во странство. Но нашето стопанство може да исплатува плати кои кореспондираат со дејноста, додадената вредност на производите и услугите и конкурентската способност на компанијата во секторот.
Организацијата на работодавачи, за прв пат во Македонија, направи едно истражување на платите во кое учествуваа 18 компании и дадоа податоци за платите, надоместоците и додатоците на плата за 80 работни места. Идејата е на компаниите да им се понудат информации за платите за исто работно место во разни компании, за да можат компаниите да видат дали исплаќаат поголеми или помали плати од конкуренцијата и да им послужи за креирање на нивната политика за плати.
Уште еднаш сакам да истакнам дека за промена на платите во Македонија е потребно промена на структурата на стопанството и зголемување на продуктивноста и конкурентноста на нашите компании. За да може ова да се направи потребни се многу инвестиции во дејности со поголема додадена вредност, но и квалификуван кадар.
Што најмногу гледаат работодавачите при процесот на вработување, какви квалитети се ценат кај кандидатите, покрај нивните стручни квалификации?
Во вакви услови на стопанисување работодавачите се свесни дека секогаш не можат да дојдат до квалификувани работници кои имаат знаење и вештини за потребното работно место. Затоа покрај дипломата за нив е многу важно какви знаења и способности има кандидатот за да може што побргу да се обучи и да почне да ги остварува посакуваните резултати. Во зависност од дејноста зависат и бараните карактеристики, некаде се важни информатичките знаења, некаде брзината и креативноста, некаде способноста за тимска работа и т.н.
За работодавачите, покрај дипломата е многу важно какви знаења и способности има кандидатот за да може што побргу да се обучи и да почне да ги остварува посакуваните резултати
Како претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, но и како долгогодишен стопанственик, која е вашата порака до младите луѓе кај нас кои влегуваат на пазарот на трудот – како до вработување и до сигурна егзистенција?
Пораката до младите луѓе е многу сериозно да размислат пред да се запишат на средно училиште или факултет. Изборот треба да зависи од нивните афинитети и идејата што сакаат да работат во животот. Но, исто така дали сакаат да останат во земјата или да заминат од неа. Ако иднината ја гледаат во странство подобро да не ги ставаат во финансиски проблеми своите родители за финансирање на високо образование кое нема да им користи. Најчесто нашите во странство не работат на работно место што одговара на нивната стекната диплома во Македонија. Потоа, да работат на нивниот претприемачки дух и знаење бидејќи ако имаат добра бизнис идеја и бидат упорни и спремни на ризици и во Македонија можат добро да заработат.
Во рамки на дијалогот меѓу Владата, Синдикатот и стопанствениците, недела е прогласен за неработен ден за многу стопански дејности. Како тоа ќе се одрази врз работењето на фирмите, дали може да дојде до намалување на бројот на вработените?
Законот сеуште не е донесен во Собранието на РСМ. Моделот кој беше на крајот од преговорите избран, е добар компромис помеѓу желбата да се загарантира недела како неработен ден за што поголем број на работници и да се направат што помалку штети во стопанството. Овој модел – со наведување на дејностите кои поради природата на дејноста мораат да работат во недела има една слабост, а тоа е можноста некои дејности да не се опфатат и да претрпат поголема штета која ќе резултира и со пад на бројот на вработени. Таков е случајот со дејноста „Производство на цемент“ каде поради техничко-технолошките карактеристики на дејноста се работи во четири смени и не може да се прекрати производството. Можеби со почетокот на имплементацијата на законот ќе се увидат уште некои пропусти. Друг проблем се дејностите каде поради климатските услови може да се случи работниците да не можат да остварат нормален фонд на часови-40 часа неделно. Такви се земјоделието и градежништвото. Ако заврне земјоделците не можат да го жнеат житото, а градежниците не можат да го асфалтираат патот. Ако тоа се случи два дена во неделата тогаш овие работници во овие случаи треба да имаат можност да работат во недела и да си го исполнат фондот од 40 часа работа во една недела. Ние укажавме на овие проблеми и чекаме одговор од Министерството за труд и социјална политика кое е предлагач на Законот.