Институциите сами си објавија дека во „Дрисла“ се гори опасен отпад


Откако првиот човек на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски објави дека, откако е дојден на функција, издал решенија за забрана на прием и третман на 26 видови на опасен отпад во ЈП „Дрисла“ поради непоседување на соодветни инсталации, се јави и Град Скопје. Од таму практично потврдија дека во „Дрисла“, освен медицински отпад за кој е обезбедена посебна постројка, не се согорува друг опасен отпад без дозвола и дека за да се спречи тоа, барале  скратување на бараните шифри за опасен отпад, што практично значи дека за некој таков отпад се уште се дава дозвола за согорување.  

-По долго време на некомпетентност и негрижа во работењето, за само една година откако Дрисла се врати во надлежност на Град Скопје, ова јавно претпријатие прерасна во санитарна депонија која применува современи технологии за управување со отпадот, а целокупниот нејзин економски потенцијал е ставен исклучиво во служба на граѓаните.

Откако ЈП Дрисла е повторно во надлежност на Градот набави нов стерилизатор за третман на медицински отпад од познатата италијанска марка ЦИСА, што е иновативен систем целосно автоматизиран со висока технологија и квалитет. Со набавката на стерилизаторот се стави крај на неодговорното и несовесно постапување со медицински отпад, односно несоодветната обработка на медицинскиот отпад, којшто потоа завршуваше на Дрисла како обичен отпад, што претставуваше потенцијална опасност за животната средина и за здравјето на луѓето.

Во ЈП Дрисла освен медицински отпад кој се третира согласно предвидените процедури, не се согорува друг вид опасен отпад без дозвола.

ЈП Дрисла постапува по забелешките на Државниот инспекторат за заштита на животната средина и до надлежното министерство има поднесено барање за скратување на бараните шифри за опасен отпад, стои во реакцијата на Град Скопје.

Менаџментот на „Дрисла“,пак, ги отфрла сите обвинувања од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Директорот Коста Начевски во изјава за телевизија Телма тврди дека ниту еден килограм отпад не бил согорен и дека проблемот е само со документацијата, односно делови содржани во дозволата што ја имаат добиено, а кои фигурираат само на хартија.

„Јас како директор на Јавното претпријатие инсистирав во февруари, кога ја добивавме дозволата, да бидат изземени сите шифри за опасен отпад. Инсистирав бидејќи за жал не поседуваме инсталации соодветни за третман, а за да го заштитам угледот на „Дрисла“ и на Град Скопје“ – тврди Начевски.