Инстаграм ривалот на Твитер утре пристигнува во Македонија, но не и во ЕУ


Ривалот на Твитер создаден од компанијата „Мета“ и наречен „Threads“ утре нема да стане достапен во земјите од Европската Унија поради несигурноста околу користењето на личните податоци од страна на платформата.

„Гардијан“ пишува дека извори на „Мета“ посочиле оти причина за одложувањето на лансирањето во ЕУ се европските регулативи и бројните судири меѓу технолошката компанија и претставници на блокот.

Двете неодамнешни пресуди против „Мета“ создадоа проблеми за работењето на компанијата во ЕУ. Неделава Европскиот суд на правдата го потврди правото на европските регулатори да ги истражуваат нарушувањата на приватноста во пресуда во која се вели дека е потребна согласност од корисникот пред неговите лични податоци да се користат за таргетирање преку реклами.

Претходно во мај, ЕУ на Фејсбук му нареди да престане да ги пренесува податоците на европските корисници во САД.

Клучното прашање за „Threads“ е имплементацијата на Законот за дигитални пазари на ЕУ, кој содржи одредби за споделување на податоците на корисниците низ различни платформи. „Мета“ очекува дополнително појаснување од Европската комисија за тоа како ќе се имплементира законодавството.

„Threads“ се очекува утре да стане достапна во САД и во Обединетото Кралство.

Впишувањето на зборот „Threads“ на Инстаграм и во Македонија води до тајмер кој истекува утре во 16 часот – терминот за кога е најавено лансирањето. Тоа значи дека утре попладне новата социјална мрежа ќе стане достапна и за македонските корисници.

Сопственикот на Твитер, Илон Маск во објава на неговата социјална мрежа реагираше на количеството податоци што наводно може да ги собере „Threads“ – списокот вклучува и локација и историја на пребарување.

Сепак, и Твитер на својата интернет-страница признава дека собира кориснички податоци како локација, тип на уред што се користи и интеракција со содржините на другите корисници.