Инспекторите на АХВ под лупа ги ставија и болничките кујни


 Сто и десет килограми небезбедна храна, минатата недела уништија инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во кујни во болничките установи во земјава, во рамки на спроведените 43 вонредни инспекциски надзори. 

– Со контролите утврдено е дека пет кујни ја немале исполнето законската обврска за регистрација како оператори со храна во АХВ, четири не ги задоволувале техничките барања за безбедност, односно утврдени се оштетувања на просториите каде се подготвува храна. Осум од кујните не ги задоволувале барањата за Добра хигиенска и Добра производствена пракса како барања за безбедност на храната, соопшти АХВ.

За утврдените недоследности – нехигиена, наталожени маснотии во кујната, неводење на записи, несоодветно одржување на опремата, оштетени ѕидни и подни површини, немање сопствен план за анализа на храна, незавршен курс по хигиена на храна од страна на вработените лица, односно не поседување на сертификати за оваа законска обврска, утврдени нерегистрирани оператори со храна и друго, донесени се 15 решенија со наредби за отстранување на констатираните недоследности и изречени се пет парични казни.

Целта на вонредните контроли во кујните, како што информираа од АХВ, била контролата дали кујните се регистрирани како оператори со храна, дали и колку ги исполнуваат општите и посебните барања за хигиена, барањата за безбедност кои се однесуваат на вработените лица во кујните, примената на правилата за добра хигиенска пракса и добра производствена пракса и НАССР процедурите, следливоста, потеклото на суровини, манипулацијата со храна и исполнувањето на микробиолошките критериуми на храната.