Инспектори за дрога наместо да ги гонат им помагале на дилери

Ја попречувале правдата. Кривична пријава според тој член Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи, до специјалното одделение за гонење полицајци при ОЈО ГОКК, за двајца инспектори во Тетово во Отсекот за недозволена трговија со дрога и оружје затоа што им помагале на притворени дилери.
Кривични пријави се поднесени против Џ.Н., виш инспектор за недозволена трговија со оружје, и против О.С. на работно место самостоен инспектор за недозволена трговија со дрога, соопшти МВР.
Првопријавениот, кој бил задолжен да постапува по предмет во кој две лица биле лишени од слобода поради основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“ по член 215, му овозможил на второпријавениот, кој не бил работно ангажиран и е родител на едно од лицата лишени од слобода, да има целосен увид во службената документација, да располага и да ја пренесува од една во друга просторија, да ги придружува лицата лишени од слобода, да дава насоки при постапувањето и да биде присутен и да учествува во разговорот со лицата лишени од слобода. Исто така, овозможил привремено одземениот мобилен телефон од едно од лицата лишени од слобода, кај кого била пронајдена поголема количина на дрога, да располага со телефонот и да избрише и уништи докази од телефонот важни за истрагата.
Втoропријавениот, иако не бил работно ангажиран, активно се вклучил во преземање на службените дејствија во предметот во кој неговиот син бил лишен од слобода.
Одделот за внатрешна контрола против Џ.Н. и О.С. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и ќе изрече задолжителна мерка отстранување од работното место.