Иницијативата „Стоп за Усје“ ја објави музичката програма пред утрешната блокада на цементарница
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја објави листата на музичари кои ќе настапат на настанот „Блокада фест“, што ќе се одржи утре од 15 до 23 часот пред влезот на цементарницата Титан Усје.
Организаторите најавуваат осумчасовна блокада проследена со музичка програма, како дел од протестот што се одвива под паролата „Без Усје полесно се дише“. Според иницијативата, настанот има двојна цел – јавно да се изразат барањата за почиста животна средина и да се испрати порака за тоа каков град сакаат граѓаните.
Од „Стоп за Усје“ посочуваат дека музичката програма е симбол на урбаниот и културниот идентитет, кој, според нив, треба да има предност пред индустриските капацитети за кои тврдат дека негативно влијаат врз квалитетот на воздухот.
Едно од клучните барања на иницијативата е воведување мерења на емисиите во реално време, наместо досегашниот систем базиран на просечни вредности. Тие бараат и зголемени, независни и надворешни контроли врз процесот на мониторирање, со цел поголема транспарентност и доверба во податоците.
Организаторите најавуваат дека блокадата ќе биде мирна и со јасна порака за построг надзор, транспарентност и поголема заштита на здравјето на граѓаните.