Иницијатива „Нула“: Политичка парада околу спомен обележјето за Модуларната болница


Неколку недели пред да се наполнат четири години по трагедијата во Тетово во која животот го загубија 14 лица, пратеници од ВЛЕН и од ВМРО-ДПМНЕ, како и министри, се собраа денеска во Тетово за да го означат почетокот на активностите за изградба на спомен-паркот за 14 жртви од пожарот во модуларната болница. Од „Иницијативата Нула, која беше иницијатор да се изгради вакво спомен обележје, ја поздравуваат одлуката, но вели дека функционерите направиле политичка парада пред локалните избори, пишува Порталб.мк.

Спомен-паркот нема да се гради на местото каде што беше објектот на модуларната болница, туку малку подолу. Министерот за здравство, Азир Алиу, рече дека денес не само што започнуваат со изградба на парк, туку започнуваат и со изградба на колективна зграда, задоцнета но неопходна.

„Пред четири години на ова место се случи трагедија што не смее да се заборави. Архитектурата следи една филозофија на скината, скршена рамка, со искривени патеки, дрвја што создаваат рефлектирачки сенки, еден симболичен центар за паметење и ветување дека ова нема да се повтори“, рече Алиу.

Од друга страна, Иницијативата „Нула“ ја поздравува одлуката на Општина Тетово и Министерството за здравство да го реализираат нивното повторено барање за изградба на јавен спомен-парк во просторот каде што се случи трагедијата во модуларната болница.

„Сепак, денешната јавна парада, организирана преку прес-конференција од министерот за здравство, г-динот Алиу, вицепремиерот, г-динот Фетаи, одржана само два месеци пред локалните избори, покренува сериозна загриженост за вистинската политичка намера зад оваа објава“, велат од Иницијативата „Нула“.

Тие нагласуваат дека ако ова дело има за цел да искористи една трагедија за изборни придобивки, тогаш ова би претставувало неприфатлив и длабоко недостоен чин, особено кога станува збор за настан што оставил зад себе длабока болка, граѓанска недоверба и членови на семејства кои сèуште не виделе целосна правда.

„Иницијативата „Нула“ ќе продолжи внимателно да го следи процесот на реализација на овој спомен-парк и ќе бара целосни гаранции за достојна содржина, сериозност и почит кон жртвите, далеку од каква било политичка пресметка и само во функција на вистината и правдата што недостасуваат повеќе од четири години. Би било почесно наместо паради пред камерите, сериозно да се работи на расветлување на случајот и да не стануваат тивки соработници на неказнивоста“, велат од Иницијативата „Нула“.

Потсетуваме дека минатиот месец Иницијативата „Нула“ заедно со семејствата на жртвите од трагедијата во модуларната болница поднесоа барање до општина Тетово и министерството за здравство со кое предложија просторот каде што се наоѓаше модуларната болница да се претвори во јавен спомен-парк.

Просторот каде што се наоѓаше модуларната болница се претвори во паркинг, каде што имаше и неколку стари автомобили. Потсетуваме дека во ноември 2022 година тогашниот директор на тетовската болница, Амир Елези, најави дека на местото каде што се наоѓаше модуларната болница е предвидено да се постави спомен-плоча за жртвите од трагедијата. Меѓутоа, оваа плоча никогаш не беше поставена.

На 8 септември 2021 година во тетовската модуларна болница каде што се лекуваа пациенти со Ковид-19 избувна страшен пожар , кој ги згасна животите на 14 пациенти, како и членови на нивните семејства кои беа внатре. 14 лица беа спасени пред објектот целосно да изгори. Причината за пожарот се припишува на изгорен кабел, при што искрата предизвикала пожарот да се прошири и за неколку минути целата болница беше зафатена од пламен.

Досега, за овој случај имаше две судски постапки , но обвинетите не беа повикани на одговорност за причините за пожарот, туку за други кривични дела, за непоставување противпожарни апарати. Во меѓувреме, и покрај фактот што поминаа речиси две години откако Јавното обвинителство на РСМ најави дека Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција спроведува втора истрага за пожарот во модуларната болница, сè уште нема одлука. Во врска со недостатокот на правда за пожарот во модуларната болница, членовите на семејствата и граѓаните организираа неколку протести барајќи да се отвори судска постапка за причините за пожарот.