Инфлацијата во Турција надмина 36 отсто


Годишната стапка на инфлација во Турција во декември 2021 година достигна 36,08 отсто, што е највисоко ниво во последните две децении, покажаа во понеделникот податоците на Заводот за статистика на Анкара.
Инфлацијата во ноември изнесуваше 21,31 отсто.

Стапката на инфлација во Турција е повеќе од двојно зголемена од летото, поттикната, меѓу другото, и од повисоките цени на храната.

Само во однос на ноември, потрошувачките цени скокнале за 13,6 отсто, објави Заводот за статистика.

Производните цени во декември пораснаа за цели 79,89 отсто во однос на истиот месец претходната година, а нивниот раст веројатно ќе се претвори во повисоки потрошувачки цени, барем донекаде и со одредено временско задоцнување, забележува ДПА.

Со оглед на брзото слабеење на турската лира, што оди во тандем со растот на цените, увозот на стоки во Турција станува поскап.

Дополнително, цените на суровините на светскиот пазар се релативно високи, што е една од причините за тешката економска состојба во Турција, која се одразува и со високата невработеност.

Турците и годинава очекуваат значително поскапување на енергенсите. Во првите денови од новата година струјата за домаќинствата поскапе за околу 50 отсто, а за компаниите, големите потрошувачи на струја, се зголеми за повеќе од двојно, објави пазарниот регулатор за енергетика.

Ситуацијата со месеци ја влошуваше турската централна банка, која неодамна ја намали основната каматна стапка и покрај високата инфлација под притисок на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Централните банкари обично се борат против галопирачката инфлација со повисоки клучни каматни стапки, потсетува ДПА.

Ердоган, спротивно на економската доктрина, смета дека високите каматни стапки ја поттикнуваат инфлацијата.

Лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу уште еднаш остро го критикуваше претседателот.

„Економскиот гениј“ во претседателската палата зезна сè што допре, напиша тој на Твитер. Опозицијата се сомнева во официјалните податоци за инфлацијата и претпоставува дека инфлацијата е уште поголема.

На девизниот пазар турската лира во понеделник повторно се најде под притисок, а утринава ослабе за повеќе од два отсто во однос на доларот и еврото, јави агенцијата ДПА.