Инфлацијата во Германија се искачи на 4,1 отсто во септември, најмногу од 1993 година

Инфлацијата во Германија се зголеми на 4,1 проценти на годишно ниво во септември, според Федералното биро за статистика, Дестатис, што највисоко ниво во речиси 28 години.
Повисока стапка на инфлација од оваа во септември последен пат беше забележана во декември 1993 година, кога изнесуваше 4,3 проценти. Претходниот месец (во август) растот на потрошувачките цени во најголемата европска економија изнесуваше 3,9 отсто.
Според Дојче веле, зголемените цени на енергијата и тесните грла во понудата подолго време ги „туркаат“ нагоре потрошувачките цени, но на зголемувањето на инфлацијата влијаеше и јануарското укинување на мерката за привремено намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ), што беше воведено минатата година поради пандемијата.
Растот на инфлацијата во септември најмногу се должи на повисоките цени на енергијата и прехранбените производи, покажуваат прелиминарните податоци на Дестатис.
Економистите предвидуваат дека потрошувачките цени во Германија ќе продолжат да растат во наредните месеци, а некои од нив проценуваат дека стапките може да достигнат и до 5,0 проценти.
Бундесбанка оваа недела соопшти дека германската инфлација најверојатно ќе остане над 2,0 проценти до средината на 2022 година, надминувајќи ја целната стапка на Европската централна банка (ЕЦБ).
Сепак, ова не значи автоматски дека најголемата европска економија ќе падне во вителот на инфлаторната спирала. Аналитичарите сметаат дека сегашниот пораст на инфлацијата е привремен феномен, поради зголемената побарувачка за стоки, бидејќи глобалната економска активност полека се враќа во нормала по пандемијата со Ковид-19.
Шефицата на ЕЦБ, Кристин Лагард, исто така, оцени дека сегашниот тренд на раст на инфлацијата е над целта на банката од 2,0 проценти, како последица на привремени фактори, и предупреди да не се „реагира претерано“ на високата инфлација, што е предизвикана од недостаток на понуда на пазарот, потсетува ДВ.