Инфлацијата се враќа? Мицкоски очекува таа да се пренесе од Еврозоната


Фото: Б Грданоски

Дали инфлацијата повторно чука на вратата, откако беа вложени значајни напори таа да се заузда и да добие надолен тренд? Вакво нешто денеска навести и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека очекува растот на цените во Еврозоната да се прелее и кај нас, со ограда дека вака зголемената стапка на инфлација во себе ќе ја „носи“ и ниската споредбена основа од лани кога во примена беа мерките опфатени со таканаречената Велигденска кошница.

Според Мицкоски инфлацијата во април на годишно ниво би била меѓу 4,5 и шест проценти. Во март годинава, пак, според Државниот завод за статистика таа исто така беше на релативно високи 4,9 отсто што се објаснуваше со основицата од март лани кога беше во примена Велигденската кошница. 

За инфлацијата во април, ДЗС ќе ги објави податоците задутре.  

„Ги следам трендовите во Европа, гледам има голем раст на инфлацијата во Еврозоната во април. Очекувам тоа да се пренесе и кај нас од проста причина што минатата година во април месец сѐ уште имавме Велигденска кошничка“, изјави денес Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во рамки на посетата на Општина Аеродром.

Тој посочи дека во Бугарија, односно како што рече „кај нашиот источен сосед“ инфлацијата е над шест проценти, во Хрватска е „тука некаде“ меѓу 5,5 и шест проценти, во Грција, односно „кај јужниот сосед“ е околу 4,5 – 5 проценти…

„Така што, во тие рамки очекувам инфлацијата да биде и кај нас“, рече Мицкоски додавајќи дека важно е да се види колку таа ќе изнесува за основните прехранбени производи, односно  како ќе се движи месечната инфлација споредено со март.

„Она кое што го правиме со Државниот пазарен инспекторат, не очекувам таа да биде поголема од еден процент, зборувам за месечната, во однос на март“, појасни Мицкоски, посакувајќи што побргу да се стабилизираат работите, односно  да заврши конфликтот во Иран и да се отвори теснецот, за да може и во рамките на глобалните случувања да имаме поголема прдвидливост.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2026 година, во однос на февруари 2026 година, изнесуваше 0,7  отсто, а кај храната и безалкохолните пијалоци 0,4 отсто.

Опозициската СДСМ, пак, денеска преку соопштение го „потсети“ премиерот Мицкоски дека тврдел дека ќе „нема поскапувања“, а горивата повторно поскапеа.

„Христијан Мицкоски  тврдеше дека „нема поскапувања“ и дека владата „контролира сè“, горивата во Македонија повторно поскапеа. Уште една лага“, порачаа од СДСМ во соопштение.

Од таму додаваат дека Европа отворено најавува економска криза, како и дека авиокомпаниите откажуваат летови поради скап керозин, односно дека само една германска компанија најавила откажување на 20.000 летови.

Исто така, како што посочија, цените на ѓубривата повторно растат, земјоделците се без поддршка и без субвенции, а цените на основните животни намирници растат од ден на ден.

Од СДСМ потсетија и на мерките кои што тие ги предлагаа, но не беа прифатени од владејаќкот мнозинство, како укинувањето на ДДВ на храната, намалување на ДДВ на горивата на 5 отсто, потоа зголемување на минималната плата и тн,

„Потрошувачката кошница за една година поскапе за околу 4.000 денари, а Владата продолжува да зборува дека ‘буџетот е во одлична кондиција’“, велат од СДСМ, нагласувајќи дека бараат итно замрзнување на цените на основните прехранбени производи, укинување на ДДВ на храна, намалување на ДДВ за горивата и намалување на акцизите, реална помош за загрозените семејства, пензионерите и земјоделците и мерки за зачувување на работните места.

Мицкоски денеска гио повтори неговите изјави дека Македонија во изминатиот период презела мерки за зауздување на цените на енергентите, како дека тоа значително го чинело Буџетот. 

„Вчера е погоден еден танкер во теснецот, тоа предизвика раст на цената на горивата на светските берзи. Погодена е рафинеријата и пристаништето во Фуџеира, тоа е практично оној емират што е под теснецот од каде што може да се заобиколи теснецот и да се продолжи со достава на нафта и нафтени деривати. Сето тоа придонесе да скокне цената на на берзите и во еден момент Брент достигна 114-115 долари за барел. Ја следиме внимателно состојбата и врз основа на тие параметри продолжуваме и да се однесуваме“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владата применува мерки за поддршка поради кризата на Блискиот Исток веќе три месеци и оти како резултат на тоа во државава се најниски цените на горивата во однос на регионот.

„Имаме намалени акцизи, намалено ДДВ за безоловните бензини, тоа го чини прилично доста Буџетот во овие 60-ина дена. Но, тоа е што е. Резултатот од сето тоа е најевтини горива во регионот. И тоа што ние го правиме е да се обидеме со сите мерки што ни стојат на располагање да го заштитиме стандардот на граѓаните“, рече Мицкоски.

Според него, актулната Влада, со мерките што ги презема, се справува значителнио подобро во однос на претходната влада.

„Глобална е кризата, тешки се времињата, но ако се спореди, овие мерки што ги прави оваа Влада, која што според Меѓународниот монетарен фонд како процент од БДП е трета во Европа и оние од 2022-та, драматично е подобра ситуацијата. Тогаш имавме двоцифрена инфлација, а сега според сите авторитети во оваа област, станува збор за криза којашто по својот обем и опфат е поголема од оние две енергетски кризи во 70-тите години и онаа енергетската во 2022-та заедно“, рече Мицкоски.