Индустриското производство во март е поголемо за 5,2 отсто во однос на март лани, за три месеци растот е само 2 отсто

Индустриското производство во март годинава е зголемено за 5,2 проценти во однос на март минатата година, а во првиот квартал годинава во однос на истиот квартал лани година за два процента, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).
Во март годинава во однос на март лани статистиката регистрира пад на индустриското производство од 1,5 проценти во секторот Рударство и вадење на камен, а пораст од 4,8 проценти во Преработувачка индустрија и од 12,9 проценти во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација пораст.
ДЗС објаснува дека зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во одделите: Производство на тутунски производи, Производство на хартија и производи од хартија, Печатење и продукција на снимени медиуми (записи), Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на други неметални минерални производи, Производство на метали, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.
Кај Производство на машини и уреди, неспоменати на друго место има раст од 15,1 процент, а кај Производство на моторни возила, приколки и полуприколки од 7,1 процент.
Според главните индустриски групи, производството во март 2025 година, во однос на март 2024 година, бележи пораст кај Енергија за 13,8 проценти, Интермедијарни производи, освен енергија за 24,3 проценти, додека опаѓање бележи кај Капитални производи за 8,4 проценти, Трајни производи за широка потрошувачка за 8,6 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 3 проценти.