Индија за време на воена вежба собори сателит во ниска орбита
Индија уништи сателит во ниска орбита за време на вежбата, рече индискиот премиер Нарендра Моди, чија земја стана четврта во светот што успеала да го стори тоа, по САД, Кина и Русија.
„Нашите научници уништија сателит во ниска орбита, на оддалеченост од 300 километри“, рече Моди во телевизиското обраќање до нацијата, две недели пред почетокот на парламентарните избори.
Моди рече дека целта била „да се воспостави мир, а не да се создаде атмосфера на војна“ и дека технологијата „не беше насочена против никого“.
„Ова е горд момент за Индија“, рече тој додавајќи дека неговата земја им се приклучи на „вселенските суперсили“.
Операцијата наречена „Мисија на силите“ траеше три минути, а сателитот беше погоден од „антисателитска“ ракета. Таквата антисателитска технологија е проблематична бидејќи создава голема количина на вселенски отпад кој се движи со голема брзина во орбитата на Земјата и претставува закана за други вселенски објекти.
Спротивно на тоа, со користење ласери, сателитските инструменти би можеле да бидат „заслепени“ и неговиот физички интегритет нема да биде компромитиран.