Индија станува нов епицентар на корона вирусот во светот


Индија брзо станува нов епицентар на коронавирусот во светот, поставувајќи рекорд за најголемо дневно зголемување на случаи на новозаразени. Експертите предвидуваат дека наскоро ќе го надмине Бразил, а, во некој момент, и САД, како најголемо жариште на епидемијата на светот.

Според најновите податоци, вчера се регистрирани 78.761 нови случаи, што е најголем број новозаразени во земјата за еден ден, а денеска се пријавени 971 смртни случаи, што ја турка азиската земја над Мексико, како земја со трет најголем број на смртни случаи во светот. . На сегашната траекторија, епидемијата во Индија ќе го засени Бразил за околу една недела и САД за околу два месеци, објавува Блумберг. И за разлика од САД и Бразил, растот на случаи во Индија сè уште се забрзува седум месеци по објавувањето на првиот случај на корова вирус на 30 јануари. Патогенот едвај навлезе во огромните рурални области, каде живее најголемиот дел од 1,3 милијарди жители, по скокот на случаи во пренаселените метрополи.

– Индија е втора по големина земја во светот и една од оние со релативно слаб јавен здравствен систем. Затоа, неизбежно е жариштето во Индија да стане најголемо во светот, рече Наман Шах, член на Националниот институт за епидемиологија во земјата.  – Тоа нема да биде изненадувачки, без оглед што ќе направи Индија, рече Шах, член на тимот на индиската влада за борба против Ковид-19.