Индија и Пакистан се договорија за целосен прекин на огнот


Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Индија и Пакистан се договориле за „целосен и непосреден“ прекин на огнот. Веста ја објави на својата социјална мрежа Truth Social.

„По долга ноќ на преговори со посредство на САД, со задоволство можам да објавам дека Индија и Пакистан се согласија на прекин, целосен и веднаш. Им честитам на двете земји за нивниот здрав разум и големата интелигенција. Ви благодариме за вниманието!“- напиша Трамп.

Индија и Пакистан се согласија за итен прекин на огнот и почеток на разговори за широк спектар прашања, потврдија највисоките функционери од двете земји.

Пакистанскиот вицепремиер Исхак Дар рече дека двете земји се согласиле на итен прекин на огнот, додавајќи: „Пакистан отсекогаш се залагал за мир и безбедност во регионот, без компромиси за неговиот суверенитет и територијален интегритет!“

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја потврди веста и изјави дека разговорите ќе се одржат на неутрална локација. „Ја поздравуваме мудроста, претпазливоста и државничкото однесување на премиерите Моди и Шариф при изборот на патот на мирот“, рече Рубио во објавата на X.

Тој додаде дека тој и американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ги поминале последните 48 часа во разговори со високи функционери од двете земји, вклучувајќи ги и премиерите на Индија и Пакистан – Нарендра Моди и Шехбаз Шариф.

Синоќа дојде до нова ескалација меѓу Индија и Пакистан откако Пакистан изврши напад врз својата соседна земја во кој тврдеше дека уништил индиски систем за противвоздушна одбрана со хиперсонични ракети. Нападот се случи откако Пакистан објави дека Индија истрелала проектили врз неколку воени бази. Ескалацијата на тензиите меѓу двете нуклеарни сили беше предизвикана од терористичкиот напад во Кашмир под индиска управа во април, во кој загинаа 26 лица, главно индиски туристи.

Њу Делхи го обвинува Исламабад за вмешаност во нападот. Пакистан негира вмешаност и повикува на независна истрага.Пакистан и Индија контролираат делови од Кашмир.