Инцидент на граничниот премин Меџитлија – граничен полицаец побарал лекарска помош


БИТОЛА – Инцидент се случил утрово на граничен премин Меџитлија на македонско-грчката граница кога претпоставен од граничната полиција наводно физички и вербално нападнал вработен полицаец. Според наши извори инцидентот се случил околу 8 часот кога се менувала смената, а причината за инцидентот засега е непозната.

Нападнатиот полицаец после 10 часот побарал лекарска помош  во Клиничката болница во Битола вознемирен и повреден од физички напад. Но, подоцна и неговиот претпоставен побарал да го прегледа лекар.

Од Клиничката болница Битола го потврдуваат случајот и за „Независен“ велат дека – „имало вербална расправија со поттурнување и констатирана вознемиреност“, но велат дека и двајцата и граничниот полицаец и неговиот претпоставен побарале лекарски преглед.

Од МВР за „Независен“ велат дека во текот на денешниот ден (02.10.2024) во ПС ОН Битола во два наврати, еднаш од страна на полициски службеник Б.Ј., а вториот пат од Командирот на ПС за ГП и ГН Меџитлија И.П. пријавен е настан.
 
„Со цел утврдување на наводите во двете пријави, известен е Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, велат од МВР.
  
(А.Б.)