Инаетот на Данела Арсовска ја чини државата 350 илјади евра годишно


 

Градоначалничката на Скопје не кажува што ќе прави со автобуското метро, кредитот е неискористен, но камати мора да се плаќаат

Од државниот буџет се плаќаат 350.000 евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) оти градоначалничката Данела Арсовска не ги користи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра за изградба на автобуското метро во Скопје.

Парите стојат нечепнати односно не се користат и поради тоа државата плаќа камата, бидејќи Арсовска од доаѓањето на функција лани во ноември кажа дека нема да го прави автобуското метро. Таа тогаш рече дека тоа било проект на нејзиниот претходник Петре Шилегов, а граѓаните ја избрале нејзе и нејзиниот предлог за 250 еколошки автобуси. Парите не можат ниту да се пренаменат и да се користат за друг проект, оти во договорот со ЕБОР стои дека тие се одобрени токму затоа што БРТ е високо оценет од европските експерти како зелен проект кој ќе овозможи еколошки и побрз транспорт во градот.

Од Министерството за финансии неколку пати побарале одговори од Арсовска што планира да прави со овој проект, но таа ги ингорира и не им одговара на прашањата и повиците. „Имплементацијата на проектот за воведување БРТ транспорт е во надлежност на Град Скопје, од каде Министерството за финансии, иако има испратено во неколку наврати писмено барање, нема добиено повратна информација за статусот и плановите за реализација на проектот. Условите за користење на средствата се утврдени со договорот за заем. Бидејќи реализацијата на проектот не е почната, согласно договорот, средствата не се повлечени и стојат на сметка на ЕБОР. Согласно условите на неповлечените средства се плаќа камата од 0,5 % на годишно ниво“, велат од Министерството за финансии.