Имаме доволно нафтени резерви за сигурно снабдување на граѓаните и стопанството, велат од Министерството за енергетика


Кризата која го зафати Бликсиот Исток поради воените дејствија против Иран и одговорот на Техеран да го затвори Ормутскиот Теснец низ кој поминува една петтина од нафтата во земјите од Заливот, предизвика загриженост во светот, но и во нашето опкружување за сигурноста со снабдување со енергенти но и за нивната цена. Овој нов момент само ја заостри и онака големата неизвесност која владее поради војната на Русија против Украина и пренасочувањето на Европа во однос на снабдувањето со нафта и гас од други земји, потоа со санкциите против „Лукоил“ и тн.  Како нашата земја се справува со предизвиците?

Од Министерствот за енергетика рударство и минерални суровини  смируваат и велат дека со посебно внимание ја следат состојбата со актуелната енергетска ситуација, особено во контекст на нафтените пазари и потенцијалните геополитички ризици.

„Во рамки на своите надлежности, Министерството ја информира јавноста дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви постојано ги следи и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати, обезбедувајќи сигурност на снабдувањето, стабилност на пазарот и подготвеност за навремена реакција во случај на какво било нарушување на увозот или снабдувањето“, соопштија од Министерството.

Од таму посочуваат дека Агенцијата за задолжителни нафтени резерви МАКОРА има законска обврска да ги формира и одржува државните резерви на нафта и нафтени деривати во согласност со европската регулатива, односно со Directive 2009/119/EC, која пропишува задолжителна минимална покриеност во одреден број денови просечна потрошувачка или увоз.

„Овие државни резерви претставуваат стратешка сигурност на системот. Тие се чуваат како безбедносен механизам и не се користат во редовни пазарни услови, туку исклучиво со одлука на Владата, во случај на прогласување енергетска криза или сериозно нарушување на снабдувањето“, велат од Министерствто за енергетика.

Во моментов, како што објаснуваат, увозот на нафтени деривати е целосно либерализиран и се одвива непречено, без ограничувања или застои.

Фото: Б. Богдановска

„Како Министерство, внимателно ја следиме состојбата на меѓународните пазари, особено во контекст на актуелните геополитички случувања и воениот конфликт на Блискиот исток. Доколку се појави евентуален недостиг или прекин што би можел да го загрози снабдувањето, Владата ќе реагира навремено и соодветно, во интерес на граѓаните и стопанството“, нагласуваат од Министерството.

Од таму појаснуваат дека во овој момент, државните резерви се стабилни и според расположливите информации нашата земја стои меѓу најподготвените во регионот во однос на покриеноста и сигурноста на снабдувањето.

Како превентивна мерка, доколку утре се појави евентуален проблем на пазарот, државата располага со резерви од сите видови нафтени деривати и тоа:

• Еуродизел – 138.877.053 литри
• Еуросупер БС-95 – 32.098.680 литри
• Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 10.772.342 литри
• Мазут М-1 НС – 5.287.794 килограми

„Покрај стратешките резерви, редовната набавка на нафтени деривати се одвива повеќепати во текот на годината, а резервите се дополнуваат континуирано и соодветно, согласно динамиката на потрошувачката и законските обврски. Со тоа обезбедуваме стабилност, предвидливост и сигурност во снабдувањето на граѓаните и економијата“, нагласуваат од Министерството.

Од таму посочуваат дека нафтените резерви се безбедно складирани кај овластени трговски друштва – складиштари и тоа во ОКТА – Рафинерија на нафта, Макпетрол АД Скопје, Лукоил Македонија ДООЕЛ и Супер Трејд ДООЕЛ.

Овие капацитети, како што се нагласува, се редовно мониторирани и контролирани од страна на надлежните државни органи, со цел да се обезбеди целосна безбедност, техничка исправност на складиштата и навремена достапност на резервите доколку се појави потреба. Со ваквиот систем на надзор и контрола се гарантира сигурноста на државните резерви и стабилноста на снабдувањето.

Министерството за енергетика

„Доколку се појави евентуален проблем со увозот од какви било причини – затворање на граници, прекини, штрајкови или блокади – државата има обезбедено и дополнителен сигурносен механизам. Во функција е продуктоводот Солун–Скопје, кој преку поврзувањето со Солун обезбедува алтернативен и непречен доток на сите видови на нафта и нафтени деривати, што значително ја зголемува стабилноста на системот и ја намалува зависноста од други транспортни правци“, велат од Министерствот за енергетика.

Истовремено, додаваат, Агенцијата континуирано ја следи и дневната потрошувачка на нафтени деривати, со цел државните резерви да се одржуваат согласно законски пропишаното ниво и реалните потреби на пазарот.

„Системот е поставен превентивно, со повеќеслојна заштита – преку стратешки резерви, алтернативни транспортни коридори и постојан мониторинг на потрошувачката – со што се гарантира енергетска сигурност и стабилност“, се вели во соопштението до медиумите.

Од Министерствот за енергетика исто така велат дека иако актуелните случувања во Блискиот Исток можат да предизвикаат нарушувања во снабдувањето со нафтени деривати на светско ниво, Република Северна Македонија како држава има обезбедено сигурен проток и увоз на деривати од повеќе различни извори и земји. Со оваа диверзификација на снабдувачите, комбинирано со стратешките државни резерви и функционирачкиот продуктовод Солун–Скопје, се обезбедува непречено и стабилно функционирање на пазарот на нафтени деривати.

„На овој начин се гарантира дека граѓаните и стопанството нема да почувствуваат недостиг, а државата останува целосно подготвена да реагира навремено доколку се појави какво било нарушување на снабдувањето“, се вели во соопштението на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.